Коџаџику: Османи индиректно призна дека се сретнал со Груевски – Османи: Дури и да имаше средба, таа е во својство на министер за надворешни работи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВЛЕН и понатаму го обвинува Бујар Османи дека имал средба со Никола Груевски. Пратеничката Мерита Коџаџику изјави дека Османи со свои зборови признал дека имал средби со поранешниот премиер во Будимпешта и праша: „Од кога средбите на еден министер за надворешни работи со лица кои се наоѓаат на американската црна листа се класифицирани како државна тајна!?“

„Тој јавно одби да го негира – значи индиректно призна – дека се сретнал со Никола Груевски, бегалец и лице прогласено за ‘нон грата’ од САД. Ова е најјасниот доказ дека ДУИ не е реформирана партија, туку група интереси што манипулираат со националните чувства и европските аспирации на албанскиот народ за тесни лични и партиски интереси. Прашање до Бујар Османи: Од кога средбите на еден министер за надворешни работи со лица на американската црна листа се класифицирани како државна тајна?“ – вели Мерита Коџаџику од ВЛЕН.

Вчера кандидатот за општина Чаир, Бујар Османи, изјави дека оваа тема се отвора во рамки на кампањата, додавајќи дека дури и ако имало средба, тоа било во својство на министер за надворешни работи.

„Средбите на министерот за надворешни работи се класифицирани и според законот не можат да се објавуваат. Иако за ова прашање сум зборувал дека е дел од нивната кампања, но дури и ако имало нешто такво, тоа би било во рамки на функцијата министер за надворешни работи и тие информации се класифицирани“, вели Бујар Османи, кандидат за градоначалник на општина Чаир од ДУИ.

Додека Османи ги смета овие обвинувања за кампањска клевета, Меџити изјави дека има факти и дека ќе ги објави кога ќе дојде време.