„Кога ќе се изгориш од млеко, дуваш и на јогурт“ – Димитров и Ди Мајо без точна прогноза за старт на преговорите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шефот на дипломатијата, Никола Димитров и неговиот колега од Италија Луиџи ди Мајо не дадоа точна прогноза дали земјата во март ќе добие датум за старт на пристапните преговори со Европската унија. Ди Мајо рече дека денеска ќе отпатува во Париз кај неговиот француски колега со кого ќе разговара за Северна Македонија и нејзино членство во европското семејство.

„Да ја гарантираме брзината со која ЕУ ќе се движи – тоа е многу амбициозна работа. Ние сме 27 држави, сите треба да одлучат, но нашата заложба е во правец сето тоа да биде што е можно побрзо. Значи, за новата методологија и за отворање на преговорите. Отворањето на преговорите не смее да се забави, бидејќи тука се работи само за политичка волја“, истакна Луиџи Ди Мајо.

Никола Димитров со народната поговорка „кога ќе се изгориш од млеко, ќе дуваш и на јогурт“ го објасни искуството на земјата со ЕУ, додавајќи дека земјата треба да биде повнимателна и повоздржана.

Ди Мајо освен со Димитров, оствари средби и со Претседателот Стево Пендаровски и техничкиот премиер, Оливер Спасовски, а разговараше и со лидерите на политичките партии.