Кога ќе се одржи средбата Ахмети – Мицкоски? Ахмети: Доколку го одложи повикот, јас ќе го поканам на средба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Што ќе донесе најавената тет-а-тет средба меѓу премиерот Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Овој состанок, како што е познато е договорен на лидерската средба, но и по една недела сè уште не е утврдено кога и каде ќе се одржи. Ахмети во вчерашната емисијата на ТВ21 Клик плус откри дека тој имал средба со Мицкоски уште пред 100-те дена на Владата на која, како што истакна било договорено заедно со локалните избори да има и предвремени парламентарни. Сепак, како што додава тој, Мицкоски го сменил ставот. На нивната следна средба потоа од страна на Мицкоски биле презентирани две опции, но дека тој не ги прифатил. Прашан за тоа кога ќе се одржи договорената средба со Мицкоски, Ахмети со одговор:

Ахмети: Прашање на време е …

ТВ21: Вие ќе го поканите, или чекате тој да ве покани?

Ахмети: Доколку тој го одложи повикот, секако дека јас ќе го повикам. Го држам за збор, затоа што сме се договориле да седнеме да разговараме. Тоа се теми од значење за државата и јас сега нема да се претворам во чувар на мирот и стабилноста.

Мицкоски уште на лидерската средба рече дека датумот не е одреден, а не кажа ниту што ќе биде темата на разговорите. За некаков конкретен датум не потврдија ниту од ВМРО-ДПМНЕ.

– Нормално е претседатели на политички партии, тоа е дел од нивната работа, да се среќаваат, меѓутоа конкретно за оваа средба сè уште нема официјални информации кога би се случила и за што би се расправало, вели Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Неофицијално Ахмети на маса ќе го стави барањето за избор на Влада со Бадентер, како и одлуките кои ќе се носат на Уставниот суд за закони со двојно мнозинство исто така да бидат со Бадентер. Ахмети во вчерашниот Клик плус истакна дека ДУИ не е заинтересирана да стане дел од Владата, бидејќи како што рече, таа тема станала како на пазар. Првиот интегративец Ахмети говореше и за средбата со Филипче во декември во Тетово. Рече дека добил понуда од него да се формира европски опозициски фронт, но дека тој ја одбил со образложение дека такви иницијативи имало и порано и биле неуспешни.

Ахмети: Да, беше отворена и оваа тема, прашањето за заеднички европски фронт. Појаснив дека сме имале иницијативи и порано, кои како иницијативи се покажале неуспешни. Како што стојат работите сè уште е рано, сè уште ги имате луѓето поделени на Албанци и Македонци, албански и македонски политички партии.

Филипче демантира дека станало збор за некаква коалиција.

– За коалиција не сме разговарале. Точно е дека освен за некои аспекти на локалната самоуправа, јас спомнав на тој состанок и наши загрижености и му ги пренесов на претседателот Ахмети нашите загрижености. Немаше иницијатива некаква за формирање некаков фронт затоа што нема избори, нема за што да се разговара, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Во врска со најавената средба на Ахмети и Мицкоски, првиот социјалдемократ само рече дека секој со секого може да се среќава.