И покрај тоа што беше ветено дека ќе биде отворена во септември, градинката „Преродба“ во Тетово се уште не е отворена. Запрашан за ова, министерот за социјала Фатмир Лимани рече дека неговиот ресор ја завршил работата и дека сега останува на локалните власти.
-И за работните места и согласностите ги дадов на градинката „Преродба“, нивно е сега да ја отворат, јас не можам да ја отворам, моја работа беше да им обезбедам вработување, ги обезбедив, мое беше да им го обезбедам средства за изградба, ги обезбедив, останатото го прават директорите и општинските институции, изјави министерот за социјална работа, Фатмир Лимани.
Од општина Тетово ветуваат дека градинката ќе биде отворена за неколку дена. Според Назми Даути од секторот за општински дејности, конкурсот е во тек.
-Финансиите се пуштени од Министерството за труд и социјална политика, во две фази, прво старото финансирање каде завршува конкурсот и потоа новото финансирање за градинката што ќе се отвори во рамки на градинката, конкурсот е во тек и мислам дека многу скоро ќе се случи официјалното отворање на градинката и ќе може децата да продолжат со пријавувањето во новата градинка, изјави Назми Даути од образовниот сектор на општина Тетово.
Во градинката „Преродба“ ќе се вработат 49 лица. Капацитетот на градинката е за 130 деца, иако на списокот на чекање се 300 деца, што значи дека околу 170 деца во Тетово ќе бидат на листа на чекање. Посебен проблем е нефункционалноста на Комисијата за лиценцирање каде просветните работници, но и директорите не можат да добијат лиценци за работата што ја работат.
