Регионалниот менаџер Милош Пејиќ заедно со Александар Симовиќ се лицата задолжени за коцкарскиот бум во Македонија и регионот. Најголемите странски играчи во македонскиот казино сектор, австриските фирми Новоматик и Казинос Австрија, велат дека помагаат за надградба на локалниот пазар. Па така, често ги напаѓаат и идеите на Владата за ревидирање на законите за коцкање, нарекувајќи ги нефер, неостварлив и демагошки.
Иако многу Влади и коалиции досега се обидоа да доведат ред во овој бизнис, се чини дека се уште присутни наводите за корупција. Владејачката коалиција Вреди обвини за политичка корупција со набавката на видеолотариски терминали од страна на Новата државна видеолотарија НОВО ВЛТ во изборниот период. Во компанијата пак, велат дека тендерот е спроведен според законот, и оти со дневнопартиските пресметки им се нанесува сериозна корпоративна штета.
Доминантен сопственик на оваа фирма е Државната лотарија, а косопственик е ХТЛ Македонија, фирма во целосна сопственост на австриски Новоматик.
Според Вреди, обвинителството треба да го истражи договорот за набавка на лотариски машини, односно видеолотариски терминали склучен на 13 јуни, еден месец по завршувањето на изборите, а пред да се формира нова влада.
Тендерот од скоро 19 милиони евра го добива ХТЛ Македонија, која е еден од сопствениците на НОВО ВЛТ. Оваа фирма била единствен понудувач на тендерот. Тоа значи дека НОВО ВЛТ му го дала тендерот од 19 милиони евра на својот косопственик – странскиот ортак на државната лотарија.
Од обвинителството за ТВ21 велат дека работат на неколку случаи поврзани со лотарија.
„Во јавните обвинителства се оформени неколку предмети поврзани со различни аспекти на работењето на Државна лотарија врз основа на доставени известувања и пријави од надлежни институции. Секој што има сознанија или докази за сторено кривично дело, има обврска таквите сознанија да ги пријави кај надлежните органи“.
Австриската компанија Новоматик, преку својата македонска фирма ХТЛ Македонија, ги поседува МА Гаминг и Мастербет, кои ги имаат лиценците за коцкарниците Астра и Адмирал.
Преку македонската фирма Макотен, австриски Новоматик ги поседува лиценците за казината во скопскиот хотел Мериот и во хотелот Фламинго во Гевгелија.
Коцкарскиот гигант Новоматик, предводен од неговиот милијардер основач и со седиште во Гумполдскирхен, град западно од Виена, познат по своите лозја. Новоматик произведува технологија за коцкање, како што се најновите автомати за игри на среќа, како и работи со казина низ голем број земји. Добро е вмрежено во Виена и Брисел. Поранешниот извршен директор на Новоматик, Јоханес Хан, се искачи преку централно-десничарската Народна партија до највисоките ешалони на ЕУ, станувајќи комесар за проширување на ЕУ кој ја надгледува политиката на Брисел кон земјите аспиранти за членство.
Во Австрија, фирмата се најде под лупа по последиците од „Аферата Ибица“, скандалот што ја собори владата на Себастијан Курц во 2019 година. За време на тајно снимениот разговор, се слуша како вицеканцеларот на Курц вели: „Новоматик ги плаќа сите“. Заменик-канцеларот во тоа време беше несвесна мета на политичка операција, а тој подоцна ќе ги повлече своите зборови, посочувајќи дека е во алкохолизирана состојба. Новоматик, меѓу другите споменати во снимката, негираше каква било злоупотреба.
