Дефинитивно во моментов се случува втор бран од коронавирусот. Во јавноста веќе неколку дена се шпекулира и за нов, трет бран, на почетокот на идната година, а исто беше и предвидувањето од СЗО.
Еве што за тоа велат министерот Венко Филипче, докторите Милена Стевановиќ и Дејан Докиќ во вечерашното гостување во „Клик Плус“ на ТВ21.
„Има неколку претпоставки, и тоа се тие работи кои не ги знаеме, и немаме параметар кој со сигурност може да ни каже. Една од претпостапките и мислењето на епидемиолозите, овие мини бранови траат колку една респираторна епидемија од 8 до 10 недели. Ако е така, сме го поминале пикот, и никој не може да предвиди дали ќе има и кога ќе има следен бран. И затоа сме вака подготвени“, рече Филипче.
Коментар имаше и Докиќ:
„Врз основа на анализи се прават предвидувањата. Тука имаме 10 месеци. Затоа не верувам дека ќе се најде некој кој ќе предвиди како ќе се развива. Свесни сме дека кај вирусните респираторни епидемии имате почеток, развиток, пик, и паѓање. Свесни сме дека 10 месеци, имаме уште пациенти со Ковид-19. Нема карактеристично својство на респираторна инфекција“, изјави Докиќ.
Стевановиќ истакна дека проблем се непредвидливите моменти кои ги носи коронавирусот. Рече дека и покрај дадените тераписки мерки, и натаму вирусот може да е непредвидлив.
