Американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер, во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 говореше за темелите на партнерството меѓу САД и Македонија. Таа нагласи дека односите меѓу двете држави не се базираат само на геополитички интереси, туку на длабоки вредносни принципи.
Според Агелер, првата и најважна заедничка вредност е вербата во демократијата.
„Демократијата има различни облици, затоа што имаме различни влади, но еднакво ги вреднуваме и индивидуите и заедниците“, истакна таа, додавајќи дека институционалната стабилност и владеењето на правото остануваат суштински предизвик.
Економскиот развој е втората точка што ги поврзува двете земји. Амбасадорката нагласи дека економската стабилност е од суштинско значење за македонските граѓани, но и за американските партнери.
„Тоа не е само позитивно за американските бизниси, туку посилната економија на Северна Македонија е особено корисна и за САД. Тоа си носи сигурност“, рече Агелер.
Во продолжение, Агелер го посочи и безбедносното партнерство како столб на заедничките интереси.
Таа потсети дека членството на Северна Македонија во НАТО претставува „огромно достигнување“, а САД се гордеат што биле активен учесник во процесот. Според неа, државата е важен сојузник кој значајно придонесува за јакнење на трансатлантските односи и за посилно европско сојузништво.
„Да, веруваме, имаме исти вредности, но не ги применуваме добро тие вредности“, заклучи Агелер, повикувајќи на поголема практична посветеност кон принципите што ги обединуваат Македонија и САД.
