„Кој бил кодош, а кој авторитарен?!“ – остри обвинувања меѓу Мицкоски и Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај повиците за национално обединување, претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Венко Филипче изминатиов период разменија остри реплики. Од чествувањето на роденденот на партијата, Мицкоски го обвини Филипче дека ја кодошел земјава во Грција.

„Не можеме да дозволиме да не кодошат во странство оние кои треба да бидат чувари на националните интереси. И да не мислат дека ветувањата за отстапки, деградации и понижувања ќе ги донесат повторно во Владата. Народот е свесен и нема да дозволи повторно да биде измамен. Она што Венко Филипче го направи во Атина само не потсети дека кодошењето на сопствената земја не е туѓо и не смее да се заборави, за да не се повтори.“, рече Мицкоски.

Филипче минатата недела на панел дискусија организирана од поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, обвини дека Мицкоски предводи десничарска авторитарна Влада која не сака да ја придвижи земјата напред кон ЕУ и воедно води лоши економски политики. Од СДСМ одговорија дека Филипче направил патриотски чин и го обвинија дека е наследник на врховистичка структура во ВМРО која не се борела за независна Македонија.

„Тоа што Мицкоски пробува да воспостави авторитарна диктатура во Македонија и тоа што на меѓународна сцена беше откриена таа негова намера не е „кодошење“ туку е патриотизам. ВМРО, НОБ и АСНОМ се генеза на борци против диктатура, авторитарни режими и врховисти. Да се биде авторитарен значи да се биде врховист, а никако патриот.“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.

Претходно Мицкоски одговори дека не знае што предизвикало чувство кај опозицијата дека тој предводи авторитарна Влада и нагласи дека сега поголема слобода во општеството.