Објектите на спортските обложувалници се речиси празни. Поради коронакризата и тие работат под посебни протоколи. Иако имаше протести за дислокација на обложувалниците, но и ново законско решение, сепак наместо тоа, Владата одлучи уште повеќе да им ја олесни работата. Со уредба овозможи онлајн обложување.
Но кој може да организира такво нешто. Онлајн услугите на странските обложувалници се забранети, односно нелегални. Домашните, пак, мора да поседуваат лиценца.
Единствени, кои што се легални, според законот од 2014-та година, за платформа за законско регулирање на игрите на среќа е Државната видеолотарија.
Уредбата на Владата донесена поради коронакризата, обложувалниците да можат да работат онлајн ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, како и шест месеци по престанувањето на траењето на вонредната состојба. Вонредната состојба заврши на 23 јуни, што значи дека уште четири месеци важи ова правило. Поради вонредната состојба, не важи ниту членот од законот кој забранува онлајн обложување на македонските граѓани.
Од движењето Против коцкање, кои пред извесно време протестираа против обложувалниците и казината, барајќи нивна дислокација, но и затворање, велат дека државата можно е да нема целосен увид врз онлајн обложувањето бидејќи центрите можат да бидат надвор од нашата земја, односно во странство.
„Онлајн игрите, односно онлајн коцкањето, според Движењето против коцкање е строго забрането. Зошто го велиме ова? Едно нешто е важно овие објекти или начинот на играње не може да се контролира, па поради тоа нормално дека не сме сигурни и немаме информации дали тие објекти плаќаат данок на државата, бидејќи истите можат да бидат и во други држави“, истакна Џемаил Абдиу.
Од Асоцијацијата на спортски обложувалници, рекоа дека државата нема контрола врз незаконското онлајн обложување на странските страници, а парите од даноците наместо да се влеваат во нашиот буџет, вие завршуваат надвор од Македонија. Според сите проценки, станува збор за 40 до 50 милиони евра, средства кои би требало да одат во корист на домашната економија, одржување и отворање на нови работни места и инвестициите. За ова прашавме во Министерството за финансии, но иако чекавме неколку дена, одговор не добивме.
