Кој го штити Мерко? – Панова: Функционери на ДУИ во судството и обвинителството ги кријат предметите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Случајот со Рамиз Мерко дел од дебатата на трибината на опозициската ВМРО-ДПМНЕ насловена „Криминал и корупција“. Пратеничката од редовите на оваа партија Ели Панова прстот го вперува во обвинителството и судството каде, како што вели таа токму ДУИ има големо влијание и поради тоа не се покренуваат случаи, како што се всушност и 6-те предмети на Мерко. Одговорни за непостапувањето и затскривањето на криминалните дејствија на високите функционери на ДУИ се токму инфилтрирани членови во највисоките судски инстанци, рече Панова.

„Ако требаше некој да излезе на прес конференција верувам дека тоа беше шефот на обвинителството за организиран криминал и корупција како прво. Значи тоа е лице кое што беше непознато за македонската јавност Ислам Абази, кој е шеф на ова обвинителство од ноември месец 2022 година. Не очекувам дека ќе направи нешто заради тоа што е многу близок со партијата ДУИ“, вели Ели Панова.

Од СДСМ пак вратија дека е непристојно ВМРО-ДПМНЕ да одржува вакви трибини и тоа од Белата палата која е симбол за криминал и корупција. Оттаму прашуваат во чии судски фиоки се кријат случаите поврзани со опозициската ВМРО-ДПМНЕ како што се за Белата палата, Делчевски ниви, Моќник и уште многу други..

„Надвор од реалноста, дури може да се каже дека е и перверзно ДПМНЕ да одржува трибина за криминал и корупција, па згора на се и во Белата палата, симболот на криминалот и корупцијата. ДПМНЕ  е партија со бројни судски пресуди за долгогодишни затворски казни, стотина осудени сегашни и поранешни партиски функционери на оваа партија, меѓу кои и за злосторничко здружение“, велат од СДСМ.

За случајот со Мерко вчера се скараа и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и Антикорупциска комисија, при што Грковска отфрли дека има надлежност да постапува и вината за тоа што не бил отворен предмет ја префрли на антикорупционерите.