Ќе има ли тв-дебати на претседателските кандидати во изборната трката за шеф на државата?
Прв покана упати актуелниот претседател Стево Пендаровски кој ги повика другите кандидати на, како што посочи на две мастер дебати, едната на почетокот, а втората би се одржала на крајот на изборната кампања.
Испративме прашање до изборниот штаб на Пендаровски дали некој ја прифатил оваа покана за дебата досега. Оттаму одговорија дека се уште се прават контакти и договори со другите кандидати околу одржувањето на дебатата.
„Во моментов имаме првични контакти и разбирање за идеја и очекуваме дека ќе имаме наскоро и финална потврда“.
За оваа дебата од штабот на Гордана Силјановска Давкова велат дека конечниот став ќе го изградат по одржувањето на координацијата која треба да се одржи в понеделник а на која ќе присуствуваат претставници од штабовите на сите кандидати. Сепак велат дека дебата во тој формат од сите седуммина сметаат дека не е добро и дека одредени кандидати не би требало да учествуваат, но не прецизираа кои.
„На координацијата ќе се разговара за сите прашања и ќе ги разгледаме сите аспекти на одржување на ваква дебата. Имаме про и контра околу прифаќањето на оваа дебата. Постојат одредени дилеми дали е добро со сите 7 кандидати одеднаш да се одржува дебатата бидејќи ќе биде тоа премногу, за вториот круг тоа и нема да биде проблем. Имаме размислување и дека одредени кандидати и не би требало да учествуваат во дебатата бидејќи ќе го спуштат нивото со нивните навреди и ниско ниво на комуникација“, велат од Изборниот штаб на Силјановска.
А покана за заедничка дискусија до сите други шестмина претседателски кандидати упати и Арбен Таравари и тоа за утре во 12 часот. На некои и лично им испратил порака, но вели дека одговор добил само од Пендаровски, кој му рекол дека не смее да учествува во дебати пред да започне изборната кампања бидејќи се уште ја врши претседателската функција.
„Случајно се сретнавме со претседателот Пендаровски, разговаравме кратко време ми кажа дека не смее пред да започне официјалната кампања да учествува во вакви дебати бидејќи е во спротивност со Законот, претседателот не смее бидејќи уште ја врши таа функција. Инаку и ми одговори со порака, единствениот на кои што лично им испратив покани, другите немам некаков одговор за дебатата во сабота во 12 часот“, вели Арбен Таравари.
За тоа дали ќе ја прифатат поканата за дебата испративме прашања и до некои од другите кандидати за претседател. Кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски ни одговори дека со задоволство би учествувал.
