Кој ќе биде прв човек на еден од најмоќните судови?! Во трка Димовска и Стефановски – ги изнесоа плановите пред Судски совет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се разгорува битката за избор на прв човек на Кривичен суд. Даниела Димовска актуелната в.д. претседателка на Кривичниот суд и Ивица Стефановски, судија во Кривичниот суд во трка за прв човек на скопскиот Кривичен суд. Денеска во Судскиот совет одговараа на прашања од членовите, како ќе ги заштитат судиите доколку пријават политички притисоци.

Димовска ветува дека за 40 проценти ќе го скрати времето на судските процеси и дека ќе имплементира и електронска достава до адвокатите за да нема доцнење или одложување на рочиштата.

„Јас сум на оваа позиција 10 месеци и сметам дека треба да се постават индикатори што ќе мерат резултати. Горда сум на моите колеги – предметите за семејно насилство ги завршуваме во просек за четири месеци. Судиите, особено во Кривичниот суд, работат вредно. Во осум часот сите се веќе на работа, со огромен број предмети. Но, за жал, ние сме многу видливи само кога има негативни вести. Само еден коруптивен случај ја руши довербата во сите нас. Нам ни е преку глава од тие два проценти“ – рече Димовска.

Стефановски кажа дека ќе се залага да се скрати траењето на постапките, а ветува подобрување на транспаретноста и меѓучовечките односи. Голем проблем за Стефановски е тоа што има нерамномерно распределување на предметите. Тој е познат во јавноста по предметите за Љупчо Палевски и насилникот од Карпош – Стојанче Јовановски.

„Сметам дека треба да им се даде приоритет на старите предмети и да се намали времето меѓу рочиштата. Тука има простор за поенергичен и посериозен пристап кон ажурноста. Системот АКМИС е стар повеќе од 20 години и не препознава сложен или едноставен предмет. Затоа распределбата не овозможува еднаков товар кај судиите – некои се преоптоварени.“ рече Стефановски.

„Целта е преку изборот на овој претседател да дојде до подобра организација, до поажурно судство, она да се намали или да се изостави зборот „долгата правда не е правда“. Сепак сите се овие прашања поврзани со личноста, со искуството, со неговиот капацитет на менаџирање, иако има и објективни нели причини. Сепак субјективниот капацитет на првиот судија, односно претседател, и тоа како има влијание“, рече Николовски.

Комисијата сите резултати ќе ги презентира до Советот, членовите ќе направат рангирање, по што кандидатите ќе имаат право и на приговори до Управниот суд. Доколку нема забелешки, ќе гласаат кој од двајцата кандидати, Димовска или Стефановски ќе седне во претседателското столче во Кривичен, кој важи за еден од најмоќните и најекспонирани судови во државата.