Продолжија острите тонови меѓу членовите на ВЛЕН и министерот за правда Игор Филков која изби за полагањето правосуден испит да биде и на албански јазик. Овој пат градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на ВЛЕН Биљал Касами во емисијата Клик плус на ТВ21 рече дека министерот Филков со своите изјави за барањето на албанските студенти се обидува да го прикрие својот неуспех со етнички теми, бидејќи, како што истакна, ќе биде опфатен со реконструкцијата на Владата.
-Општопознато е, јавно, дека еден од министрите што ќе бидат опфатени во реконструкцијата на Владата ќе биде и министерот за правда. Гледам дека се обидува да ја искористи својата слабост, својот неуспех враќајќи го прашањето на меѓуетнички теми, па за да добие поголеми политички поени од дел од македонската заедница, се обидува да го оправда своето евентуално разрешување со „тука сакав да го заштитам македонскиот јазик“, изјави Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Премиерот Мицкоски со ироничен одговор дали Филков ќе биде опфатен со реконструкцијата.
-Па не знам, тоа можеби треба да го прашате господинот Биљал Касами, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Касами кога ќе стане премиер тогаш може да кажува кој ќе биде разрешен му врати министерот за правда Игор Филков. И покрај изјавата на премиерот Мицкоски дека е подготвен да се направат законски измени за да има можност полагањето да биде и на албански јазик Филков дециден, таква можност нема.
-Кога ќе биде Биљал Касами премиер тогаш веројатно тој ќе кажува кој ќе биде министер а кој не. А до тогаш владеењето на правото односно почитувањето на Уставот и законите ќе важат за сите.-Дали според вас може да се промени законот како што кажа и премиерот. Во моментов таква можност нема. Остануваме отворени за дискусија, изјави Игор Филков, министер за правда.
Касами на ова не сакаше да одговори денеска, рече само дека тоа што имал да го каже за Филков го кажал во емисијата и дека сега е фокусиран на седницата на претседателството на која ќе се разговара за одговорноста на нивните функционери во Владата.
