Kој ќе ги исплати штрајкувачите од СОНК? На 15 мај треба да добијат целосна плата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу први во месецот се подготвуваат платите за просветните работници, а на 15-ти мај треба да ги добијат. Но, прашањето е од кого? Министерката Тренчевска веќе изјави дека СОНК треба да ја исплати нето платата, а Владата придонесите. СОНК пак повикувајќи се колективниот договор за основно образование велат дека работодавачот е должен да исплати надоместок на плата за работниците за време на штрајк во висина од основната плата на работникот, доколку синдикатот организирал штрајк заради кршење на правата на работниците утврдени со закон.

Адвокатот Јован Јоанидис појаснува дека Колективниот договор се прави врз основа на законот, затоа законот е поважен и регулира се.


„Согласно законот организаторот на штрајкот е должен да ги исплати платите на наставниците, воспитувачите за време на штрајкот. Владата има обврска како работодавач да ги исплати придонесите кои се плаќаат во ФОНДОТ и ПИОМ“, вели Јоанидис.

Адвокатката Мимоза Салтирова пак со различно мислење вели дека е исполнет условот за Владата да ги исплати платите, бидејќи штрајкот е заради кршење на работничките права.


„Законот точно ги уредува прават и обврските на сите граѓани во нашата држава кои треба да го почитуваат законот. Меѓутоа разликата во колективниот договор е тоа што со колективниот договор може да се дадат повисоки права за работниците. Токму тоа е случај со колективниот договор на СОНК за образование коишто во Законот за работни односи во однос на исплатата на плата стои зборчето МОЖЕ. Штом може работодавачот да ги исплати платите тогаш истото е уредено со колективниот договор е доуредено тоа што се дава како можност да се доуреди“, вели Салтирова.

Од Влада преку писмено соопштение уште еднаш го повторија решението за зголемување од 10% и додавајќи дека ќе обезбедат и континуиран раст за трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование.

„Истовремено најдобронамерно информираме дека со одлуката на СОНК за организирање на генерален штрајк пред истекот на шестмесечниот рок за усогласување на минималната плата, а за кој причината е унапредување, а не кршење на работничките, е груба манипулација и ставање во заблуда на штрајкувачите“, велат од Владата.

Инаку Колективниот договор е потпишан од претставникот на СОНК, но и ресорниот министер, тоа значи дека Владата прифатила да го потпише тој член од Колективниот договор, па според тоа за Салтирова нема дилема дека Владата треба да ги исплати штрајкувачите.