Вчера и официјално својата кандидатура ја претстави претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, кој само ден пред тоа ја донел одлуката да ја прифати понудата, која, како што рече му била дадена пред еден месец.
Неговата проценка е дека тоа ќе биде добар потег, а имајќи предвид дека освен претседателски избори ќе има и парламентарни избори се смета дека на овој начин ќе биде зададен удар на ДУИ како нивен политички опонент.
Но Таравари во оваа претседателска трка ќе се соочи со неколку фронта имајќи ги предвид превирањата во неговата партија и најавата на Села дека тој ќе биде разрешен, па така на самиот почеток на трката ќе има и товар плус од разврската на несогласувањата.
Воедно битката на фронтот ќе му биде и неговата, но и кампањата за парламентарните избори.
„Сигурен сум во вашата поддршка, со почит го чекам гласот од секој од вас. Дојде време државата да има претседател Албанец, не технички туку вистински. И нека биде оваа кампања приказна за инспирација, европеизација и триумф. Промената започна и тоа веќе се гледа“, вели Арбен Таравари.
Но од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ и натаму тактизираат со објавувањето на кандидатите. Иако се сметаше дека ДУИ ќе го поддржи кандидатот на СДСМ, се погласни се најавите дека и тие ќе одат со свој кандидат, сега веќе како излегување на мегдан со албанската опозиција. Во игра беше името на министерот за надворешни работи Бујар Османи, но објавата на Артан Груби кој на сликата напиша „Само Али Ахмети“ како да ја потопи можноста за кандидатура на шефот на македонската дипломатија. Во лицитирањето пак, со имиња за опозициската ВМРО-ДПМНЕ се вели дека ќе одат со професорката Гордана Силјановска Давкова која беше нивен кандидат и на претходните избори, а во јавност се спомнува и името на професорот Александар Спасеновски, но и на поранешниот претседател на МАНУ Љупчо Коцарев. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски во вчерашното издание на Клик плус не сакаше да открие кој ќе биде нивниот кандидат но затоа рече дека во СДСМ тоа ќе била Радмила Шеќеринска. Шеќеринска ова веднаш го негираше.
„За многу бргу од денеска ќе го знаеме кандидатот“, вели Христијан Мицкоски.
-А и вие не го знаете?
Христијан Мицкоски: Не навистина не и би било навистина неблагодарно сега јас да дадам портрет или да профилирам име. Претседателот на СДСМ кажува различни информации последната која што ја добив е дека на едно место пред некој ден кажал дека Радмила Шеќеринска сега ќе била кандидат за претседател.
И во СДСМ и натаму тврдат дека не можат да кажат кој ќе биде кандидат, бидејќи тоа се уште е во фаза на партиски процедури. Но она што се смета како најсериозен кандидат е актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој рече дека ќе ја прифати кандидатурата ако биде консензуален кандидат, но откако не го потпиша указот на Законот за игри на среќа и откако ДУИ почна да лиферува имиња на свој кандидат мала е веројатноста дека ќе има поддршка од нив. Покрај Пендаровски, со амбиции да влезе во трката за иден шеф на државата е и екс министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Не би сакал во моментов да истакнувам ниту еден кандидат со оглед на тоа дека тоа не е ниту статутарно, не е ниту етички од моја страна, меѓутоа само ќе истакнам дека, бидејќи најмногу прашања се вртат околу тоа дали претседателот Пендаровски ќе оди за втор мандат, јас мислам дека тој одлично ја обавуваше својата функција“, вели Димитар Ковачевски.
Инаку досега со своја кандидат излезе Левица со професорката Билјана Ванковска, а независен кандидат ќе биде и инфектологот Вело Марковски. Свои кандидати најавија и од ЗНАМ партијата на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
