Кој ќе не лечи? Над 200 лекари годишно си заминуваат од Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, при изјава на денешната свеченост во чест на 7 април, Светскиот ден на здравјето, порача дека годишно од Македонија си одат 200 до 250 лекари од јавното здравство.

„Низ годините бројката на лекари варирала, можам да ви кажам еден пресек, од минатиот век до сега. Бројката која била на почетокот на 20. век од 60-тина лекари, која нараснала во 1990-тите на 18 илјади, сега се движи меѓу 6 и 7 илјади лекари, кои се медицински доктори. Тука не ги вбројуваме фармацевтите, стоматолозите“, рече д-р Димитров.

На прашање за тоа што треба да се направи за да се задржи кадарот, тој додаде дека треба добра регионализација, обезбедување подобри услови за специјализација, за унапредување, за брзо вработување, со стипеднии уште додека учат медицина и да им се почитуваат желбите и визиите кои ги имаат младите луѓе во струката.

„Сакам да им кажам на сите оние кои учат да станат здравствени работници, доктори и сето тоа да останат во државава, заради тоа што одливот на лекари е голем, би сакале на сите тие да им создадеме услови за добра работа, за специјализации, за вработување како и пријатен живот во нашата држава“, порача д-р Димитров.