Кој кого ќе поддржи во 2 круг? – ДУИ и Вреди внимателни со изјавите, велат се уште немаат одлука

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Кој кого ќе поддржи и каде ќе одат гласовите во вториот круг на претседателските избори од кандидатите кои отпаднаа во првиот круг. Засега ниту една партија не се изјасни дали ќе го повика своето гласачко тело за да ги поддржи или Пендаровски или Силјановска Давкова. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски јавно се пожали дека досега не добиле поддршка за Гордана Силјановска Давкова од ниту еден од проопозициските кандидати.

„Од останатите 5 кандидати еден беше про владин тоа е Бујар Османи и четири беа про опозициски, овие четири до денес ја немаат поддржано Гордана Силјановска Давкова што е најнормалната работа да ја направат ако се опозиција. Што значи дека или немаат елементарно чувство за државата или свесно или несвесно работат за ДУИ и Али Ахмети односно за власта“, вели Александар Николовски.

Но Пендаровски во однос на ова се изјасни дека тој нема намера да ги бара гласовите од другите кандидати.

„Немам намера да се обраќам на политичките субјекти оние особено кои имаа кандидати и тие кандидати испаднаа во првиот круг Значи тој тип на математика и тој тип на контингенти на гласање и префрлање од тебе кај мене ми е туѓ“, порача Стево Пендаровски.

Но токму гласовите од албанските партии се пресудни во вториот круг на претседателските избори, овој пат најмногу за остварување на цензусот од 40 проценти. Засега и од коалицијата ВРЕДИ и од ДУИ велат дека за тоа се уште не е донесено одлука од партиските органи. Се плашат ли партиите од албанскиот политички блок дека можат да изгубат гласови доколку ги повикаат нивните гласачи да поддржат некого од претседателските кандидати?.

„Прво, таа непочитувана госпоѓа не заслужува глас, точка! Овие треба да го кажат ова кратко и јасно, но имаат страв“, порача Кренар Лога.

Зекирија Ибрахими; Немаме страв.

„Е ајде господнине повторувај по мене, ако немаш страв: Госпоѓата за која зборуваме не заслужува глас!“

„Јас кажав дека Зекирија Ибраими никогаш кандидат…“

„Не, не Зекирија Ибраими, не, не, не….Кога сакаш да избегнеш на одговор, кажуваш Зекирија… па ја не го претставувам само Кренар тука“.

„Ти кажав, како коалиција ставот е дека завршила изборната трка за претседателски избори…“

-Дали можете да повикувате да не се гласа?

„Ова е прашање за која треба да има одлука на коалицијата. Јас како индивидуа не можам да одлучам“.

Засега воздржан е и Максим Димитриевски од ЗНАМ. Деновиве тој рече дека тоа право за кого ќе гласа го има граѓанинот.

„Гласачите, кандидатите, ниту партиите не ги носат во џебот. Тоа е законско и уставно право на секој гласач да се произнесе легитимно на демократски тајни избори за кого ќе гласа. По однос на гласањето веќе реков дека секој гласач во Македонија може да гласа според мене по сопствено убедување така како што е запишано во Уставот и во законот“, вели Максим Димитриевски.

Засега став за тоа дали своите гласови ќе ги пренасочат кон Пендаровски или Силјановска Давкова нема од Стевчо Јакимовски или пак Билјана Ванковска.