Кој Конгрес на АА е законски? – Обвинувања за фалсификат од двете крила

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Азир Алиу од редовите на Алијанса за Албанците, крилото на Таравари, вели дека вонредниот Конгрес на АА што в недела ќе го одржи таборот на Села е незаконски. Алиу објаснува дека според Статутот, Конгресот може да се свика само на барање на претседателот или на 2/3 мнозинство од составот на Собранието на партијата. Вели и дека имаат докази дека таборот на Села во АА правела фалсификати и го узурпирала идентитетот на членовите на Собранието.

„Мора да имаат 2/3 од легитимните членови на партиското Собрание, но како што кажав, гласале само 69. Заклучуваме дека се работи за грубо кршење на Статутот на партијата, но и кривично дело бидејќи се подразбира дека е извршена манипулација со списокот на членовите. И на крај, покрај утврдените статутарни прекршувања како што напоменав и други кои сме во процес на утврдување, и одлуките донесени од т.н. Собрание на 10.02.2024 година, можат да претставуваат кривични дела доколку се докаже дека 2/3 од легитимните членови на Собранието на партијата не гласале за иницијативата за разрешување на претседателот, како и за свикувањето на Конгресот. Значи, уште еднаш пред вас сакам да нагласам дека мнозинството во Конгресот, мнозинството во Собранието и мнозинството во раководството на партијата го има претседателот Таравари“, вели Азир Алиу.

Правниот застапник на АА, Абидин Абдуљи рече дека разгледале предмети во Основниот суд во Тетово и дека според нив, Собранието одржано на 10 февруари од страна на крилото на Села во АА, е нелегитимно и фалсификувано. Абдуљи додава дека свикувањето на Собранието од Села има елементи за кривични дела.

„Во записникот од Конгресот што се одржа на 27 март 2022 година, од членовите на Собранието избрани на тој Конгрес, потоа од членовите избрани на 17 септември 2022-ра и на 21 јануари 2023 година, произлегува дека мнозинството од регистрираните членови на Собранието не учествувале на тоа Собрание. Пред вас ги имам изјавите дадени на нотарот од 70 регистрирани членови кои изјавиле дека не учествувале на Собранието одржано на 10 февруари годинава, свикано од претседателот на Собранието“, порача Абидин Абдуљи

Реагираа од блокот на Села. Од таму велат дека Конгресот свикан од Таравари е противзаконски, бидејќи истиот не го свикал претседателот на Собранието, Зијадин Села со 2/3 мнозинство гласови и дека ова Собрание има за цел уште едно фалсификување.  

„Што се однесува до Конгресот, го свикува претседателот на партијата или 2/3 од членовите на Собранието. Конгресот го свикаа 2/3 од присутните членови во единственото легално Собрание свикано од претседателот на Собранието, Зијадин Села. Целата јавност е сведок на фалсификување потписи и членови на Собрание, преку изјавите на самите членови, кои јавно излегоа и кажаа дека нивните потписи биле злоупотребени во Куманово од неовластени луѓе. А тоа претставува кривично дело. Што се однесува до таканаречениот Конгрес што го свикаа од вчера за денес има низа повреди. Како прво не беа поканети делегатите на Конгресот, ниту највисоките функционери, ниту пратениците, ниту мнозинството делегати, што укажува на тоа дека се подготвува уште еден фалсификат“, велат од АА, крилото на Села.

Што се однесува до печатите, ТВ21 дознава дека АА има три, а засега и крилото на Села, и на Таравари ги имаат на располагање печатите на партијата. Во однос на двете седишта, се дознава дека Таравари го има седиштето во Тетово, а Села во Скопје.

Инаку, Конгресот што го закажа групата на Таравари во АА ќе се одржи вечерва во 19 часот во Скопје, а пак Конгресот што го свика Зијадин Села како претседател на Централното собрание на партијата е закажан за в недела во 13 часот исто така во Скопје.