За властите на Град Скопје се чини дека не е важно како ќе изгледа местото на каде што се наоѓа спомен-плочата на Мајка Тереза.
Градоначалникот, Петре Шилегов, пред неколку дена рече дека плочата ќе остане блокирана и дека нема да инвестира јавни пари за да овозможи пристап до неа. Но, тоа сепак не се случи, односно поставена е патека, ако може така да се нарече.
Од снимките може да се забележи дека на ова место претходно бил поставен чакал, но истот подоцна бил отстранет. Сите овие промени се направени од страна на Град Скопје, вели директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани.
„Вчера имавме неформална средба со инвеститорот кој е директор на Улици и патишта и тој ни вети дека во текот на целата ноќ ќе работат и ќе постават пат до таму и полека да се врати позицијата како што беше па дури и подобро. Ова што го гледаме денеска, не е тоа што побаравме, но верувам дека ќе се направи нешто“, истакна Скендер Асани.
Прашавме во Град Скопје – зошто Шилегов се предомисли и дали ова решение ќе биде трајно?
Добивме одговор дека плочките биле поставени како резултат на бројните реакции на јавноста и дека истите немаат дополнително финансиско влијание. Сепак, не прецизираа дали ова решение ќе биде само привремено.
„Во правец на надминување на овој проблем, Град Скопје постави зеленило со што ќе се овозможи пристап до спомен плочата. Овие плочки се од резервите на ЈП „Улици и патишта“ и нивното поставување нема дополнително финансиско влијание“, велат од Град Скопје.
Асани најави и други реакции додека не се постигне идеално решение и извести дека ќе побара просторот да стане заштитен културен објект.
„Но доколку се остави настрана ова и се манипулира со нашата реакција, јас верувам дека вака како што се собравме денеска, ние ќе ги користиме и другите институционални и граѓански реакции“, посочи Скендер Асани.
На низата реакции им се приклучи и Спомен куќата на „Мајка Тереза“, Универзитетот „Мајка Тереза“ и Здруженијата „Мајка Тереза“ во Струга и Скопје. Дебатата околу блокирањето на пристапот до плочата на светската хуманистка трае веќе една недела, но за ова прашање сѐ уште не е изнајдено соодветно решение.
