Кој со што оди на договорот за изборите? – ВМРО-ДПМНЕ не сака премиер од ДУИ, но им остава подотворена врата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако за сега нема најави кога точно ќе се случи средбата на лидерите на партиите за да се формализира датумот на претстојните избори, сепак, тоа најверојатно ќе се случи следната недела. Веќе е познато и кој со какви барања ќе влезе на таа средба. ВМРО-ДПМНЕ на маса ќе го стави предлогот за укинување на техничката влада, за, како што досега образложија, да нема премиер од редовите на ДУИ. Но, откако најавија можност за коалиција со Левица сега, ја оставија подотворена вратата и за интегративците.

„Следејќи се што се случува во последните години во нашата држава, апсолутно сме против и сакаме да направиме се што е возможно ДУИ да нема претседател на Владата. Ниедна врата никогаш не треба да се затвора за политичките субјекти, но тоа не значи дека вратите не треба да се затворат за одредени поединци во сите тие субјекти кои што за нас веројатно не би биле прифатливи да бидат на било каков начин дел од некоја идна влада“, вели Тимчо Муцункси.

Од СДСМ покрај тоа што одбија да се укине техничката Влада треба да го усогласи и ставот за тоа кој ќе биде технички премиер од ДУИ за 100-те дена пред изборите. Се погласни се најавите дека тоа би можело да биде претседателот на Собранието Талат Џафери, кој на брифингот со новинарите пред два дена не негираше дека е тоа посакувано столче, но рече дека никој не му понудил. Сепак, се чини на средбата на лидерите најмалку ќе се дискутира за тоа кој ќе биде датумот за изборите, бидејќи некако претходно сите политички партии како да се согласија за тие да бидат на 8 мај.

„Тие до скоро до пред месец-два бараа вонредни избори. На крајот кога видоа дека веќе нема шанса да има вонредни избори тогаш рекоа, па нека бидат споени изборите со вториот претседателски круг. Осми мај како ден кој што се профилира како термин во кој што треба да завршат претседателските избори е во рамките на редовниот термин за парламентарни избори“, вели Снежана Калеска Ванчева.

Подготвеност за изборите искажаа и од Алијанса за Албанците, кои исто така се чини ќе одат на средбата со став дека го прифаќаат почетокот на мај како можен датум.

„Алијанса за Албанците е подготвена секој момент, но според сите можности и лицитации, почетокот на мај ќе биде времето за изборите. Премиерот најави лидерска средба за овој месец, ова е пракса со години дека кога ќе се ближи денот на изборите, политичките лидери да седнат и заедно са одлучуваат за техничките работи, која според мене не е лошо“, вели Елми Азири.

Од ДУИ деновиве се изјаснија дека тие се против укинувањето на техничката Влада. Потпретседателот на партијата Бујар Османи излезе со став дека за такво нешто сега е доцна, а дека тоа би можело да се размислува за идните избори.