Во 10 часот во Кривичниот суд, судијата Ивица Стефановски ќе го означи почетокот на судскиот процес за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовси. Судот предметот го води под број К-1339/24.
На обвинителна клупа ќе седнат вкупно пет лица.
Љупчо Палевски – Палчо е обвинет за две кривични дела. Првото е грабнување по член 141 и Убиство по член 123 од Кривичниот законик. За првото дело грабнување, бидејќи станува збор за малолетно лице, Палчо може да се соочи со казна затвор најмалку од четири години. За второто дело убиство, тој ќе се соочи со казна затвор од 10 години или со доживотен затвор, бидејќи убиството е извршено на свиреп и подмолен начин.
Влатко Кекишов е обвинет за соизвршител во убиствата. Тој се товари за кривичното дело грабнување по член 141 од Кривичниот законик за кое дело е предвидена казна затвор од најмалку четири години. Исто така обвинет е и за убиства на свиреп начин на едно малолетно лице и едно убиство извршено од користољубие.
Боре Видевски исто е обвинет по член 141 од Кривичниот законик за грабнување и за две свирепи убиства, едно на малолетно лице и друго од користољубие.
Велибор Манев исто така е обвинет по член 141 од Кривичниот законик за две убиства. Едно на малолетно лице и едно од користољубие.
Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска е обвинет дека помагал при извршувањето на кривичното дело „Грабнување на малолетно лице“.
Во овој предмет не се опфатени лицата Стефан Димковски кој го превезувал Палчо од Србија до Турција и Васко Стојков кој го превезувал Палчо од Скопје за Белград.
Инаку и на двајцата на товар им се става кривичното дело по член 365 од Кривичниот законик за помагање на сторител по извршено кривично дело.
Во моментов е нејасно, дали судот ќе одлучи јавноста да биде исклучена од сите судски рочишта.