Која е вистинската причина за смртта? Родителите од Кочани бараат одговори за причините за смртта на нивните деца, најавија протести ако за три дена не добијат одговор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Една година по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, неизвесноста и болката кај семејствата на жртвите остануваат непроменети, додека одговорите за причините за смртта сè уште недостасуваат.

Александар Наунов, родител кој ја загубил својата ќерка, во име на Здружението „16-ти Март 2025“ – Кочани, посочи дека и покрај бројните обиди, институциите не обезбедиле јасни информации за тоа што точно се случило.

Тој информираше дека на 14 јануари годинава до Институтот за судска медицина при УКИМ било поднесено официјално барање за добивање податоци дали биле спроведени токсиколошки анализи, вклучително и испитувања за присуство на цијаниди. Според него, и по изминати два месеци, одговор на ова барање не е доставен.

Наунов додаде дека семејствата побарале и средба со претставници на судска медицина, но наместо конкретни информации, добиле само ветување за дополнителни објаснувања, кое, како што рече, не било исполнето.

Во меѓувреме, од Природно-математичкиот факултет било потврдено дека по наредба на Обвинителството во Кочани е изготвен вешт наод, но, според Наунов, во него недостасуваат клучни информации за тоа дали биле испитувани токсични супстанции и какви се резултатите.

Според него, институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, оставајќи ги семејствата без одговори за судбината на нивните најблиски.

Тој се осврна и на процесот на обдукција, кога телата на жртвите биле транспортирани во Скопје со уверување дека ќе се утврдат точните причини за смртта. Наместо тоа, како што рече, семејствата чекале со денови без можност достоинствено да се простат, а до ден-денес немаат целосен увид во направените анализи и нивните резултати.

„Ова не е само институционална тишина, туку прашање на човечност и одговорност“, изјави Наунов, обвинувајќи дека се кријат информации од семејствата кои имаат право да ја дознаат вистината.