Обвинувања и контра-обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за скандалот со согорување на медицинскиот отпад во „Дрисла“. И додека СДСМ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ и гледа врска меѓу партијата и „Еко Клуб“, портпаролот, Димче Арсовски, вели дека Владата залудно се труди да ја оцрни неговата партија, бидејќи како што вели, самата СДСМ склучила договори за над 60 тендери со компанијата „Еко Клуб“, во вредност од 130 милиони денари, во последниве неколку месеци .
Од СДСМ велат дека „Еко Клуб“ е поврзана со актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и со екс-претседателот на партијата, Груевски. Шилегов неодамна обелодени дека од ревизијата било утврдено оти Дрисла секој месец плаќала по 10.000 евра за три адвокати, за кои пари за година и пол би можела да ја купи машината за сепарирање, која депонијата ја нема, а чини 200.000 евра.
Од партијата на зелените, ДОМ, велат дека прашањето со медицинскиот отпад во „Дрисла“ го отвориле уште пред една година во Собрание. Маја Морачанин, уверува дека депонијата сѐ уште не ги задоволува еколошките стандарди, но сепак се надева дека работата ќе се среди сега откако Шилегов го презема раководството на „Дрисла“.
Инаку, освен медицински отпад, во јавноста има сомнежи и за лошо менаџирање на целиот отпад, откако екс-директорот на Дрисла, Горан Ангелов, беше осомничен дека преку Македонија увезувал опасен отпад од Италија во Бугарија. Собранието усвои закон со кој се забранува увоз на секаков вид отпад, но познавачите на овој случај, велат дека проблемот не завршува тука. Тие бараат соодветен третман. Ова за ТВ21 го потврдува и пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин.
Во депонијата „Дрисла“ се врши внатрешна ревизија, а согласно она што го објави Град Скопје и градскиот Инспекторат, се сомнева дека компанијата „Еко Клуб“ која поседува дозвола за медицински отпад, во депонијата однела непреработен и нестерилизиран отпад. Сега обвинителството е на потег , кое по инсистирање на Градот отвори предистражна постапка.
