За вчерашното убиство не изостанаа ниту превирањата меѓу двете најголеми македонски политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Двете партии меѓусебно се обвинуваат за неспособност и контролирање на, како што велат, нарко клановите. Од ВМРО порачаа дека овие убиства почнале уште во времето на Оливер Спасовски и дека СДСМ и ДУИ секогаш добивале гласови во пресрет на избори со помош на овие нарко кланови.
-Убиството кое се случи вчера е продолжение на крвавата нарко пресметка на клановите чии грозоморни убиства започнаа во времето кога Оливер Спасовски беше министер за внатрешни работи. Таквата сила на тие кланови доаѓа поради фактот што Спасовски, Заев и Ковачевски го ставија МВР на услуга на криминалците, а со помош на нарко клановите ДУИ и СДС добиваше гласови на неколку последователни изборни циклуси-велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна пак, СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски дека немаат капацитет да го расветлат случајот. Портпаролот, Дарко Каевски, вели дека Тошковски ја направил Македонија како Колумбија во 90-тите.
Како што извести претходно МВР, починатиот З.Т. бил пронајден од неговиот брат Н.Т. на локалниот пат кој води кон Горно Блаце.
