Колку долго ќе трае дејството на вакцините против коронавирусот?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дојче Веле, БонВестите звучат оптимистички: кандидатите за вакцини, компаниите Модерна и БиоНТех / Фајзер, наводно, нудат 90 процентна заштита од Ковид-19, а вакцината од британско-шведскиот фармацевтски концерн АстраЗенека најмалку 70 проценти.

Сите надежи се насочени кон тоа дека вакцините ќе го спречат ширењето на коронавирусот во догледно време и ќе ја запрат пандемијата.

Но, колку долго човечкото тело ја задржува заштитата од вирусот?

Сè уште не може да има долгорочни студии, така што нема одговор на тоа прашање затоа што претходните студии траат по неколку месеци. Неодамна објавената студија на Институтот за имунологија во Калифорнија, Ла Јола, истражувала заразени лица. Според неа, постоењето и на антитела и на таканаречените Т-клетки – двете главни оружја на одбранбениот систем на човечкото тело – може да се докаже најмалку пет месеци по појавата на симптомите, дури и во случај на лесни симптоми. Студијата е објавена во таканаречената форма за печатење, па сè уште не поминала верификација на независни експерти.

Антитела и Т-клетки

Томас Џејкобс од Институтот за тропска медицина „Бернхард Нохт“ во Хамбург смета дека ова се охрабрувачки податоци, имајќи предвид дека нашиот одбранбен систем има неколку различни начини на дејствување. Тој издвојува особено две работи: во оваа студија постои таканаречен стерилен имунитет кој зависи од голем број неутрализирачки антитела. Ако телото има многу такви антитела, тие го уништуваат вирусот пред да навлезе во клетките. Соодветните вакцини може дури и да предизвикаат подобар одговор на антитела отколку природната инфекција. Сè додека има доволно антитела, може да се започне од робустен, ако не и стерилен имунитет, вели Џејкобс.Покрај тоа, постоењето на Т-клетки, лимфоцити одговорни за клеточниот имунитет, може да се забележи неколку месеци. Врз основа на ова, може да се очекува намалување на симптомите на Ковид-19, објаснува Џејкобс. Таквиот клинички имунитет гарантира дека, на пример, пациентите доживуваат само благи симптоми слични на настинка. Но, засега не може да се започне од постојан стерилен имунитет предизвикан од вакцината. Како и да е, резултатите од оваа студија  обезбедуваат охрабрувачки очекувања за имунитет предизвикан од вакцини, смета Џејкобс.

Друга студија неодамна објави дека постоењето на Т-клетки може да се демонстрира шест месеци по инфекцијата со вирусот Сарс-КоВ-2. „Ова е ветувачка вест: ако природна вирусна инфекција може да предизвика силен одговор преку Т-клетки, тоа може да значи дека вакцината може да го постигне истото“, вели Фиона Ват, претседател на Британскиот совет за медицински истражувања, во написот објавен во БМЈ.

Надеж за подолго траење на имунитетот

Карстен Вотцл, имунолог од институтот Лајбниц за истражување на работата при Техничкиот универзитет во Дортмунд, истакнува дека кај другите коронавируси кои предизвикуваат настинка, едно лице е заштитено од новата болест во просек до една и пол година. Но, природната инфекција не може да се спореди со вакцинација, бидејќи одговорот на имунитетот по вакцинирањето е многу поефикасен, вели Вотцл, кој е и генерален секретар на Германското друштво за имунологија. „Се надеваме дека имунитетот предизвикан од вакцините ќе трае многу подолго“, вели тој.

Дали постоењето антитела или Т-клетки или мешавина од двете е важно за имунитетот сè уште не е можно да се каже, вели Вотцл.

Имунологот Џејкобс додава: „Стерилниот имунитет веројатно зависи првенствено од голем број неутрализирачки антитела, додека сериозноста на развојот на инфекцијата зависи од Т-клетките, така што во овој контекст не можеме да кажеме дека нешто е поважно“, смета Џејкобс.

Со оглед на ранливите ризични групи, како што се луѓето во домови за стари лица, поважно е да се има вакцина што ќе создаде стерилна имунолошка заштита за негувателките кои интензивно работат со ризични групи, вели Џејкобс. Веројатно ќе треба почесто да се вакцинираат. „За широки делови од популацијата, клиничкиот имунитет веројатно би бил доволен“.

Можна потреба од редовна вакцинација

Покрај тоа, сè уште не е јасно дали вакцината ќе заштити од пренесување на вирусот на други. „Во случај да има силен одговор на антитела, веројатноста за пренесување на вирусот е многу мала“, вели Џејкобс. Но, со клинички имунитет, сè уште може да постои ризик од пренесување на вирусот на други – треба да се спроведат понатамошни студии.

Сè на сè, вели имунологот Вотцл, вакцината прво би се погрижила за смирување на ситуацијата. „Дури и ако заштитата трае само две години, луѓето би можеле повторно да се вакцинираат“, вели тој. Тоа ќе им оди на нерви на луѓето, но може да се практикува, смета Вотцл. Вирусот Сарс-КоВ-2 ќе биде друга причина за болеста против која мора редовно да се вакцинира. „Но, веќе нема да имаме пандемија“, нагласува Вотцл.