Командирот бара печалбарите да донесат ракавици – пожарникарите во Тетово со дотраени возила и несоодветни униформи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожарникарите од Тетово работат во доста тешки услови. Возилата со кои интервенира оваа единица се стари, па поради тоа наидуваат на потешкотии при работата. И униформите што ги носат се дотраени и не се отпорни на оган. Командирот, Авни Ахмети апелира за донации, а воедно бара од иселениците да донесат ракавици.

„Имаме проблеми кои датираат одамна. Ова е барање на пожарникарите и вреди да се напомене дека имаме и заштитни униформи кои се прилично стари. Имавме неколку донации од албанското здружение во Турција. Ве повикувам сите, имаме многу иселеници – секогаш кога доаѓаат да ни носат ракавици. И Тетово има гигантски компании, би ги повикал да придонесат за условите што им се потребни на пожарникарите“, вели Авни Ахмети.

Инаку, во текот на 2022 година, тетовските пожарникари имаат извршено 660 интервенции во пожари, поплави и сообраќајни несреќи. Територијата што ја покриваат е голема, па затоа имаат и многу проблеми.

„Заклучно со 31-ви имавме 660 интервенции како Противпожарна единица-Тетово. Сакав да споделам со вас некои интервенции кои навистина беа многу значајни. Би сакал да го спомнам месецот март кога имавме многу интервенции на отворено, дури 39. Месец кој беше многу тежок за нас како пожарникари. Исто така сакам да го спомнам и мај кога се случи пожарот во поранешниот монопол, пожар каков што не се памети во Северна Македонија. Додека во месец август чистевме вода во многу домови, кога имавме поплави, а познато е дека интервениравме во 64 чистења на куќи и неколку подвозници“, порача Авни Ахмети.

Минатата година тетовските пожарникари имаа и интензивна обука како да интервенираат при пожари и сообраќајни незгоди. Иако работат во тешки услови, сепак тетовци ги сметаат за херои на градот.