Холандската ѕвезда во брзо лизгање, Јута Лирдам, ги освои насловните страници со своите настапи на Зимските олимписки игри во Италија, а сега комбинезонот што го носеше за да го освои златниот медал стана хит на аукција.
Оделото во кое 27-годишната лизгачка освои злато на 1.000 метри и сребро на 500 метри е продадено за неверојатни 195.000 евра.
Аукцијата беше драматична и неизвесна до последните моменти. Само еден час пред крајот, највисоката понуда беше нешто над 9.000 евра. Но, потоа двајца понудувачи се вклучија во напната битка, а конечната сума далеку ги надмина сите очекувања.

Комбинезонот привлече големо внимание за време на Игрите, кога Лирдам го откопча патентот по победата и покажа спортски градник од нејзиниот спонзор, Најк. Бидејќи на приватните спонзори не им е дозволено да носат олимписка опрема, овој потег предизвика дебата за границата помеѓу маркетингот и строгите олимписки правила.
Експертот за маркетинг Фредерик де Лаат процени за холандскиот весник AD дека Лирдам можела да заработи околу 850.000 евра од тој вирален момент, што ја покажува моќта на медиумското внимание.
Облеките на нејзината соиграчка Фемке Кок, која освои злато на 500 метри, и Антоанета Рипма де Јонг, која победи на 1.500 метри, беа продадени и на платформата „MatchWornShirt“. Сепак, комбинезонот на Јуте Лирдам достигна убедливо највисока цена. Сите приходи од аукцијата ќе одат во холандските спортски клубови каде што спортистите ги започнаа своите кариери.
Холандскиот олимписки комитет објасни дека на овој начин „спортистите им се заблагодаруваат на заедниците што ги поддржале, го охрабруваат развојот на нови таленти и инвестираат во идните холандски спортски херои“. Така, златниот медал доби и златна цена, далеку од лизгалиштето.
