Комисијата предложи попуштање на мерките поради спласнување на епидемијата, рече Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека Комисијата за заразни болести утрово на состанок била на став дека може дополнително да попуштат сегашните рестриктивни мерки поради тоа што е очигледно дека епидемијата спласнува, бројките на новоразени се намалуваат, како и на хоспитализации во болниците.

Како што рече, инциденцата за 14 дена е околу 35 случаи на 100 000,  а спорадично ширење се смета дека е кога таа бројка е 20.

Комисијата препорача од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено, но на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца, остануваат задолжителни. Предложи и да престане да важи забраната за групирање на отворено, но при групирање повеќемина останува препораката да се носат заштитни маски.

Како што и претходно соопшти Министерството, Филипче рече дека се дозоволуваат организација на свадби и прослави на отворено со најмногу 100 гости и не повеќе од 50 отсто пополнетост на капацитетот, и да се дозволи спортските натпревари на отворено да бидат со публика која нема да пополни повеќе од 30 отсто од капацитетот на местото каде што се одржува.

-Засега останува полицискиот час како дополнителна мерка, во смисла да се ограничува дополнително групирање во одреден временски период, а ние будно ја следиме ситуацијата и понатаму, рече Филипче.

Соопшти дека значајно е подобрена состојбата во болниците и продолжува трендот да нема притисок за прием. Работат само инфективните одделенија и повеќе нема потреба за ротации на кадарот. Добро се спроведува, рече, и вакцинацијата, со смалено темпо за првата доза, но динамиката повторно ќе се засили од идната недела кога се очекуваат да пристигнат нови пратки вакцини.