На 20 октомври, Комисијата за избор на кандидатите од земјава за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур ќе одржи седница во просториите на Уставниот суд. Во соопштение за медиумите се наведува дека по седницата ќе се реализираат интервјуа што ќе се одржат на англиски и француски јазик.
-Поради зголемената транспарентност во процесот за избор на кандидати за судија во Стразбур, Комисијата одлучи интервјуата да се одржат пред независни набљудувачи. Повикани се претставници од невладините организации ‘Коалиција сите за праведни судења’ и Здружението на млади правници на Македонија, велат од Уставниот суд.
На 8 октомври, Комисијата за избор на кандидатот на Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права на втората седница одржана во Стразбур ги утврди кандидатите што ќе бидат повикани на интервју. На 14 април, во Службен весник беше објавен повикот за избор на кандидати од Македонија за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Деветгодишниот мандат на актуелниот судија во Стразбур, Јован Илиевски, ќе заврши во февруари 2026 година.
