Комунална хигиена: Минатата недела отстранети 675 кубици отпад од диви депонии во Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во текот на минатата недела, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале 3200 тони комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје, а во истиот период отстраниле 675 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини, информираат од претпријатието.

„Најголемо количество непрописно одложен отпад е подигнат во општината Чаир, каде што се расчистени вкупно 130 кубни метри отпад од диви депонии. Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 28 записници за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота. Најголем број на записници – вкупно 17, беа врачени на територијата на скопската општина Чаир“, се вели во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.

Оттаму велат дека продолжуваат на скопјани да им ја нуди можноста својот кабаст отпад (стариот мебел, електронските и електричните апарати), без плаќање паричен надоместок да го одложат во Центарот за селекција на отпадот во Карпош, секој ден во неделата, во терминот од 07 до 19 часот.

Доколку граѓаните имаат потреба јавното претпријатие со специјални комунални возила да го преземе и транспортира кабастиот отпад од нивните домови, оваа услуга можат да ја нарачаат од понеделник до петок, во периодот од 07 до 15 часот,  на телефонските броеви: 0800 222 33 и 3216644. Услугата се наплатува според однапред утврден Ценовник објавен на нивната веб-страница.