Коњановски за првите 100 дена од мандатот: Посветени сме на развој и грижа за граѓаните на Битола

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тони Коњановски, градоначалникот на Општина Битола, го презентираше отчетот за првите 100 дена од новиот мандат.

Тој истакна дека фокусот е ставен на инфраструктура, образование, спорт, култура и енергетска транзиција.

Во Битола беше отворена нова градинка „Пчеличка“, потоа се асфалтираа делови од улицата „16-та“, се поплочуваат тротоари на новата улица СРУ 5, а се изведуваат и нови игралишта.

Градоначалникот Коњановски истакна дека во 2026 година се пласнирани реконструкции на 53 улици и локални патишта, изградба на повеќе паркинг простори, а во спортската инфраструктура ќе се изгради мултифункционален спортски комплекс, атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“.

Во образованието, напоменува Коњановски, се продолжува со реконструкција на училишни спортски сали, ќе се градат нови објекти, а за заштита на животната средина се преземаат проекти за одводнување и прочистување на отпадни води на 25 локации и за системи за водоснабдување.

Градоначалникот нагласи дека дигитализацијата е приоритет, со промоција на националниот портал за електронски услуги „Е-услуги“, а општината активно се вклучува во праведната енергетска транзиција со поставување фотоволтаици во училишта и на јавни објекти.

Во рамките на спортот, Битола стана домаќин на мечеви на репрезентацијата во фудбал до 21 година, како и реализација на проекти за ракомет, бокс и други спортски активности.

Коњановски истакна дека Битола го поттикнува туризмот преку проекти како физибилити студија за гондола на Пелистер и градежни активности за планинарскиот дом „Копанки“. Градоначалникот посочи дека секој проект ќе биде следен со транспарентно информирање до граѓаните, со цел локалната самоуправа да остане сервис на жителите.

„Не се фалиме, само работиме, а позитивните коментари доаѓаат од други. Критиките не не обесхрабруваат, туку нè мотивираат да продолжиме со нашата мисија“, изјави Коњановски.