Конечно, Ковакс проработе – пристигнаа вакцините на Астра Зенека, ќе се вакцинираат старите лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утрово пред осум часот, на скопскиот Аеродром слета авионот со вакцините Астра Зенека. Сите ги очекуваа вакцините, но прво излезе багажот на патниците кои дошле од Истанбул. Потоа од авионот се растоварија и другите нешта.

По 15 минути им дојде редот на вакцините. 24 илјади вакцини во посебен пакет произведени во Јужна Кореа.

Вакцините беа ставени во посебно комбе, а треба да се чуваат во фрижидер на температура од 2 до 8 степени.

Вакцините беа пречекани од Министерот за здравство Венко Филипче дипломатскиот кор во земјава, претставници на СЗО, УНИЦЕФ и регионалната канцеларија на ОН.

„Сите земји треба да имаат пристап до вакцините против Ковид-19 со цел да се стави крај на пандемијата. Брзото ширење на Ковид-19 ни покажа дека ниту една нација не може да делува сама кога станува збор за глобалните предизвици.“, рече амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз.

„Многу сум среќна што пристигнуваат вакцините. Иако тоа го посакав пред 3 месеци.“, вели Анке Холштајн, германска амабасадорка.

„Вакцините спасуваат живот и ја намалуваат хоспитализацијата, очигледно е дека уште вакцини се потребни.“, рече Рејчел Галовеј, амбасодорка на Велика Британија.

СИРИЛ БОМГАРТНЕР, АМБАСАДОР НА ФРАНЦИЈА
„И ова е само почеток. Над 100.000 дози се предвидени во рамки на овој механизам“, изјави Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција.

„Ова е радосен ден бидејќи Ковакс пристигнува.“, рече Никола Бертолини.

„Tоа е комплицирана работа не е лесно треба да се работи на регулатива, на логистика и на многу други работи.“, вели Џихан Тавила од СЗО.

„Сакам да ги охрабрам сите луѓето да се вакцинираат, со цел да ги вратиме децата во училиштата.“, рече претставникот од УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани.

„Вакцините не се доволни. Треба да продолжиме со физичка дистанца, носење маски.“, изјави Росана Дуџак од ОН.

По изјавите на дипломатскиот кор, министерот рече дека во среда почнува вакцинацијата на населението, односно приоритет имаат 20 илјади лица кои се пријавиле за вакцинација и лицата над 75 години.

„До крајот на април преку ковакс системот најавени се и 76 илјади вакцини од истиот производител за нашата земја.“, изјави Филипче.

Во нашата земја досега се вакцинирани 6 940 лица, главно здравствени работници. До сега Македонија обезбеди 3 илјади вакцини Спутник В од Русија и 8 илјади вакцини од Фајзер како донација од Србија. Српските власти донираа и 100 дози од вакцината Астра Зенека за вакцинација на новинарите. Во текот на вчерашниот и денешниот ден продолжи вакцинацијата во Белград и Ниш за граѓаните кои закажале термини и кои изгубиле трпение чекајќи ги вакцините во нашата земја.