Во моментов кај нас нема ниту еден активен пожар. Изгаснат е дури и пожарот кој синоќа почна во Зелениково. Вчера имало вкупно 26 пожари на отворени простори, додека во саботата 30, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути. Најсериозен беше пожарот што вчера избувна во Ајватовци и беше изгаснат вчера попладне, со интервенција и од воздух. Максути ја изрази својата среќа што конечно располагаат со 3 авиони Ер Трактор, бидејќи на едниот постојано им се сервисирал за време на пожарите.
-Интервениравме после 2014 година за прв пат трите авиони да летаат и да учествуваат во гасење пожари, можеби сте биле присутни во општина Сарај всушност пред неколку дена кога трите авиони навечер всушност, непосредно пред вечерта морале да интервенираат и можеме да кажеме дека треба да бидеме горди ова лето, овие денови затоа што навистина направивме прилично добра работа во однос на тоа како успеавме да се справиме со нив-вели Максути.
Предизвикувањето пожар со умисла или невнимание е кривично дело, вели Максути, а секој пожар предизвикан од човечки фактор ќе биде најстрого санкциониран.
-Пожарот во општина Илинден или кај општина Арачиново, поточно село Ајватовци е предизвикан од човечки фактор, предизвикан е од невнимание на земјоделците кои мислат дека со палење на отпадот по жетвата, нивната земја станува плодна или ја чистат за полесно да можат да ја обработуваат. Апелирам до сите да не преземаат таков чекор и доколку го направат, да бидат сигурни дека пожарот нема да ги премине границите на полето или теренот со кој располагаат, во спротивно ќе бидат кривично гонети од надлежните-рече Максути.
Директорот за заштита и спасување вели дека има доволно тимови на располагање, но апелира младите кои се заинтересирани да се јават, за да бидат обучени и сертифицирани по европски стандарди. Сепак, мора да работиме повеќе и повеќе, да напредуваме, бидејќи никогаш не се знае со какви ситуации може да се соочиме, заклучи Максути.
