Министерството за одбрана го објави конкурсот за упис на студенти и питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, за академската 2026/2027 година. Министерството упатува повик до сите млади лица кои ги исполнуваат условите утврдени во конкурсот да аплицираат и да ја искористат оваа значајна можност за нивен професионален и личен развој. Според условите на конкурсот, кандидатите треба да бидат државјани на Македонија, да имаат завршено четиригодишно средно образование, да не бидат постари од 21 година во моментот на аплицирање и да бидат психофизички способни, што се утврдува од воено-медицинска комисија. Овој конкурс им дава можност на младите кои сакаат да го продолжат своето образование, градејќи кариера како офицери во Армијата. Покрај потребите на војската, конкурсот опфаќа и студиски програми поврзани со менаџирање на кризи и системи за одбрана и спасување.
