Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека е подготвен да организира избори, но дека е практично, правно и безбедносно невозможно да се спроведе такво гласање среде конфликтот со Русија.
„Подготвен сум да го сторам тоа уште утре. Но, во услови на војна, тоа не е можно – не само поради Уставот и изборниот закон, туку првенствено поради безбедносни причини“, изјави Зеленски за американската телевизиска мрежа CBS.
Украинскиот претседател ги истакна тешкотиите при организирањето на гласање додека училиштата се затворени, а речиси девет милиони граѓани живеат во странство.
Зеленски укажа и на невозможната ситуација со која се соочува населението на териториите окупирани од Русија.
„Дали ќе гласаат? Како? И кој ќе го надгледува гласањето додека таму се распоредени руски војници?“, праша Зеленски, додавајќи дека Москва постојано ги отфрла предлозите за прекин на огнот што би можеле да овозможат таков демократски процес.
На прашањето за повиците од одредени украински политичари – вклучително и поранешниот министер за одбрана Михаило Федоров – за одржување предвремени избори, претседателот ја отфрли идејата како „грешка“ поттикната од лични амбиции.
„За време на војната, мирот е апсолутен приоритет. Политиката не е ниту на второто место на листата. За граѓаните, таа е на 100-тото место по важност. Нивните грижи се преживувањето, образованието и самиот живот“, нагласи Зеленски.
Украинскиот закон забранува одржување избори додека е на сила воената состојба. Таа беше воведена со претседателски декрет по почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година и редовно се продолжува по одобрение од парламентот.
Членот 19 од Законот за правниот режим на воената состојба експлицитно го забранува одржувањето претседателски, парламентарни и локални избори во тој период. Истовремено, законот предвидува континуитет во функционирањето на институциите.
Уставот предвидува дека мандатот на парламентот се продолжува сè додека Врховната рада, избрана по укинувањето на воената состојба, не ја преземе должноста. Понатаму, членот 108 одредува дека украинскиот претседател продолжува да ги извршува своите должности сè додека неговиот наследник не ја преземе функцијата.
