Собранието ја констатира оставката на Арбен Таравари од функцијата министер за здравство, а покрај него и оставките на двајцата заменици од неговите редови Фљакрон Беџети во Министерството за земјоделие и Елфет Исмаили во одбрана.
Иако тие имаа можност да ги образложат своите оставки тие не побараа тоа да го направат.

„Ве известувам дека министерот кој раководи со Министерството за здравство господин Арбен Таравари поднесе оставка. До почетокот на седницата министерот за здравство господинот Арбен Таравари нема известено дека сака да ја образложи оставката на оваа седница на Собранието. Затоа констатирам дека согласно член 246 од Деловникот на господин Арбен Таравари му престанува мандатот министер кој раководи со министерството за здравство“, вели Весна Бендевска.
Со заминувањето на Алијанса за Албанците на Таравари пратеничката група на ВРЕДИ сега брои 9 членови, но поради оставката на пратеникот Салим Сулејмани кој беше од редовите на Таравари, иден пратеник ќе биде Валбона Адили Емини од Движењето Беса. Со ова пратениците на Таравари се намалија на 4 и сега немаат можност да формираат пратеничка група додека бројот на пратеничката група на ВРЕДИ се зголеми на 10. Координаторот Беким Ќоку, рече дека очекува тој број и натаму да расте, а ги повика и довчерашните колеги од Алијанса да се приклучат.

„Упатуваме најискрен и срдечен апел до другите албански пратеници особено на колегите кои го добија мандатот под коалицијата ВЛЕН да се приклучат на оваа група во овие клучни времиња на земјата за да го спроведат до крај мандатот на оние граѓани кои им ја дадоа својата доверба и надеж под слоганот „Промените вредат“, порача Беким Ќоку.
Ќоку не кажа со кои пратеници преговараат за да преминат во нивните редови и дали веќе имале контакти и со оние на Алијанса.

„Имаме значи со сите пратеници особено со тие зашто бевме единствена група и затоа го продолжуваме тој колегијален однос пријателски однос со нив. И тие не знаат што се случува со самата партија“, вели Беким Ќоку.
Иако се тврдеше дека со заминувањето на пратениците на Таравари, ќе се загрози бадентеровото мнозинство, Ќоку вели дека не е така, бидејќи во тоа мнозинство се вклучени и другите пратеници од друга етничка припадност како Срби, Турци, Роми, Власи и така натаму кои се во редовите и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
