Првите два километри од автопатот Скопје – Блаце ќе бидат пуштени во употреба следните два месеци, додека останатите 12 километри ќе треба повторно да се проектираат . Вака изјави заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири во Дејли клик, додавајќи дека има многу проблеми со експропријацијата, бидејќи парцелите по кои минува автопатската траса се приватни парцели. Зеколи Шаќири изјави дека Јавното претпријатие „Државни патишта“ изготви извештај од ревизијата што ја направиле за овој проект, но останува нејасно што е констатирано.
„Тука се појавуваат многу проблеми со експропријацијата бидејќи тој предвиден пат, таа траса поминува низ приватни имоти. Друго, одронот што е техничко прашање, кое треба да се санира. Проблемот не е во првите 5 километри. Тој пат не е и толку голем проблем за реализирање. Проблемот е кај тунелот, кој од 12 километри, 6 километри се предвидени да бидат тунел и тие се предвидени во планински подрачја, на несоодветен терен, многу тежок и над се премногу скап терен. Една многу висока цена од 240 милиони евра“, вели Калтрина Зеколи Шаќири.
Зеколи Шаќири извести дека ќе се направи повторно проектирање но не откри колку ќе чини и кој ќе го направи тоа. А додека чекаат повторно проектирање на овој автопат, Министерството за транспорт ќе се залага и за работите во коридорот 8. И во овој коридор, почнувајќи од Струга до Бугарија, најголем проблем и пречка исто така претставува експропријацијата.
„Делот Кичево-Охрид, уште едне чекор кој се презема, јас вчера во Собрание предложив промени на Законот за реализација на инфраструктурните проекти, конкретно Кичево-Охрид. Зошто? Тоа е техничко прашање, техничка промена но многу важна поради тоа што последната фаза кога треба да се направи асфалтирањето, која е последната фаза на асфалтирањето, кај нас не се произведува. Според договорот, нема произведувач во Македонија. Затоа ние гледаме да го промениме тоа бидејќи нема, знаеме дека не може да се пренесе производството на асфалт подалеку од 100 километри и ние треба да најдеме решение во земјата, да се прилагодиме на домашната геологија“, вели Калтрина Зеколи Шаќири.
За Коридорот 8, Зеколи Шаќири извести дека во делот Кичово – Охрид Владата ангажирала работна група која ќе излезе на терен и ќе го надгледува текот на работите. Во овој дел има многу проблеми со одрони, рече заменик министерката. За делот Гостивар – Букојчани работите ги изведуваат Бехтел и Енка, додека и овде има проблеми со приватни имоти и објекти кои мора да се отстранат. Што се однесува до источниот дел, останува тоа што го најави премиерот Мицкоски, повторно проектирање на железничката инфраструктура, бидејќи според сегашниот проект таа завршува во тунел без излез. За автопатот работите се во тек и нема никакви пречки.