Корупција на сите страни во државата – Салаи од ДКСК се жали дека постапките немаат правен епилог

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија е заробена држава од корупција и од влијанија во сите сфери, изјави членот на Антикорупциска комисија Шемси Салаи кој беше гостин во летното издание на Клик плус. Тој вели дека сите политички структури декларативно се залагаат за борба против корупција, но реално, никој не презема ништо и тоа се случува години наназад. Но кому му одговара ваквата состојба во државава?

„Во прилог му оди на одредени поединци, да не зборувам дека целокупните претставници од една политичка гарнитура или друга, значи на поединци во тие гарнитури и на поединци кои се на власт. И заради непреземање мерки ние ги имаме изјавите на амбасадорката на Соединетите Американски Држави па и црната листа од нивна страна што е доставена каде некои индиции што ние како држава не можеме да ги откриеме тие веќе имаат сознанија и затоа ги ставаат и на црните листи и листата ќе се прошири“, вели Шемси Салаи.

Една власт да признава дека има сериозно ниво на корупција а да не се презема ништо е загрижувачки, оценува Салаи кој се пожали дека голем број постапки кои ги имаат отворено завршуваат без некаков исход. Имаме нула проценти на предмети кои стигнале до некаква судска постапка, значи до обвинителството и тука останале, вели Салаи.

„Имаме случаи кога инспекциските служби констатираат некои неправилности, ние го констатираме истото тоа го доставуваме во понатамошна постапка и сега тоа се отфрлува. Немаме никаков епилог, за никој од нашите иницијативи не е оформен правно- обвинителски акт до судовите па да констатираме дали судиите по нашите предмети ги завршуваат постапките или и тие се во таа насока со некое влијание ги отфрлуваат“, додаде Шемси Салаи. 

Во однос на случајот со автомобилот на првиот вицепремиер Артан Груби, Салаи вели дека во законите постојат многу празнини и ако тој не е на неговото име, тогаш не можат да поведат  постапка. Решението го гледа во донесување на закон за потекло на имот со кој како што вели функционерите нема да можат да го затскриваат имотот.