Мицкоски се сретна со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, најавено продлабочување на соработката

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Продлабочување на економската соработка и привлекување нови германски инвестиции во Македонија биле главните теми на средбата на премиерот Христијан Мицкоски со премиерот на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вуст.

Мицкоски, кој престојува во работна посета на Германија, преку објава на социјалните мрежи информираше дека на средбата разговарале за досегашната соработка, поддршката и можностите за нејзино натамошно унапредување, со посебен акцент на економијата и инвестициите.

На разговорите присуствувале и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Како примери за успешното присуство на германскиот капитал во земјава, Мицкоски ги посочил компаниите „Костал“, „Кромберг и Шуберт“, „ВИК“ и „Гересхајмер“, оценувајќи дека нивното работење претставува добра основа за привлекување нови инвеститори од Северна Рајна-Вестфалија.

На средбата било разговарано и за спроведувањето на заедничката Декларација за намери за соработка, која опфаќа повеќе области, меѓу кои економијата, инвестициите, образованието, културата и здравството, како и поддршката за европската интеграција на Македонија.

Мицкоски откри и дека премиерот Вуст изразил подготвеност да ја посети Македонија, што, според него, ќе биде дополнителна можност за продлабочување на партнерството и отворање нови перспективи за соработка.

„Продолжуваме да градиме силни партнерства, да привлекуваме нови инвестиции и да ги отвораме вратите за економски развој и нови можности за нашата држава“, порача премиерот.