Еднакви правила и стандарди за сите земји кандидатки, како и конкретни гаранции за напредок во евроинтегративниот процес, побара претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Самитот за проширувањето на Европската Унија во Брисел.
На настанот, организиран од „Јуроњуз“, таа порача дека за надминување на долгогодишниот застој во пристапувањето на Македонија кон ЕУ е потребен суштински дијалог и политичка волја од двете страни.
Сиљановска-Давкова потсети на мислењето на Бадинтеровата комисија од 1992 година, според кое Словенија и Македонија ги исполнувале условите за меѓународно признавање. Според неа, фактот што по повеќе од три децении двете земји имаат различен европски пат укажува на отсуство на политичка волја кај одредени соседи.
Говорејќи за уставните измени, претседателката се осврна на Преспанскиот договор од 2018 година, кога, како што рече, на граѓаните им било претставено дека промената на уставното име е последната пречка за започнување на европската интеграција.
Таа оцени дека новите барања за промена на Уставот не претставуваат гаранција дека земјата ќе напредува кон членство, нагласувајќи дека одлуката за уставните измени е во надлежност на Собранието, чиј легитимитет произлегува од граѓаните.
Претседателката побара Македонија да има рамноправен третман со останатите кандидатки, вклучително и еднакво учество во подготовките за пристапните преговори. Како можност за придвижување на процесот ја посочи постепената интеграција, преку пристап до единствениот европски пазар, дигитализацијата и вклучувањето во други европски политики.
Во однос на реформите, Сиљановска-Давкова оцени дека земјата има капацитети за напредок во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата, но дека за тоа се потребни и домашна политичка волја и поддршка од Европската Унија.
Таа истакна дека Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Унијата и има јасна евроатлантска определба како членка на НАТО.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија, претседателката потврди дека ќе продолжи да се залага за дијалог како начин за надминување на отворените прашања.
Самитот во Брисел беше посветен на иднината на проширувањето на ЕУ, напредокот на земјите кандидатки и реформите што треба да ги спроведат на патот кон членство.
