Бизнисот, институциите и невладините организации ќе креираат мерки за борба против корупцијата. Според првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески бизнисот е жртва на корупцијата, но и бизнисмените што ја хранат корупцијата не треба да се амнестираат.
„Што значи корупцијата? Гушење на системот, нефункционирање на системот, несоздавање амбиент кој им е потребен на фирмите за да ствараат поголем профит.“, вели Бранко Азески.
Од Транспаренси Интернешнл – Македонија укажаа на значењето на корупцијата за привлекувањето на странски инвестиции.
„Кога ќе се случи да треба да остварите одредено право, единствена институција којашто на крајот може тоа да ви го гарантира е иравосудниот систем – ако таму довербата е мала, тогаш ниту една сериозна компанија не би дошла овде за да ги остварува своите бизнис интереси.“, вели Благоја Пандовски.
Претставниците на извршната власт порачаа дека одговорот лежи во дигитализацијата и користењето на електронски услуги. Министерот Стефан Андоновски ги критикуваше претходниците.
„Инвестирани се околу 62 милиони евра во дигитализација, од кои седум милиони евра преку ИПА фондовите, седум милиони евра преку тогашното МИОА и 48 милиони евра преку други институции – и што добивме од овие средства? Минимален број на дигитални услуги.“, вели Стефан Андоновски.
Од Државниот завод за ревизија истакнаа дека само 8% од полнолетното население се регистрирало на националниот портал за услуги.
„Ако имаме 112 илјади регистрирани корисници, а реализирани 65 илјади услуги, тоа значи дека половината од регистрираните корисници не реализирале ниту една услуга.“, вели Сашо Јаковчевски.
На дискусијата, претставниците од Антикорупциската комисија ги повикаа институциите да ги имплементираат нивните препораки, бидејќи како што велат, слаба е реализацијата на Стратегијата за антикорупција .
