Проширувањето со Западен Балкан е политички приоритет за ЕУ, уверува првиот човек на Советот, Антонио Кошта. Тој најави дека ќе ги посети сите шест земји од регионот кон средината на мај.
„Тоа е наша вистинска заложба за регионот и е најважната геополитичка инвестиција за мир, просперитет и стабилност.“, вели Кошта.

Според Кошта, охрабрува напредокот на Албанија и нејзината приказна е знак за целиот регион.
„Ние сме навистина посветени да ги исполниме сите обврски од календарот, кои се многу амбициозни, за да ги затвориме сите преговорите во 2027 година.“, рече Еди Рама.

На Советот за надворешни работи на Унијата, на кој се разговара и за Западен Балкан, високата претставничка Каја Калас истакна дека проширувањето мора да продолжи.
„Тензиите растат и ние дефинитивно мора да продолжиме со процесот на проширување, зашто ова е нешто што е навистина опипливо и навистина ни требаат успешни приказни тука.“, изјави Каја Калас.

Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок порача Унијата да биде целосна, без сиви зони.
„Не можеме повеќе да си дозволиме сиви зони во Европа да постојат. Затоа беше понатамошната интеграција на Западен Балкан, од последните три години, која е и наша заедничка европска мировна политика.“, вели Бербок.

На маргините на Советот, билатерален состанок одржаа министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Како што соопштија од МНР, на средбата се разговарало за актуелниот статус на ЕУ-досието на Македонија, надминувањето на предизвиците и неопходноста од забрзување на евроинтегративниот процес.
