Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, утре ќе престојува во официјална посета на земјата. Една од главните теми што се очекува да бидат дискутирани на средбите е и прашањето со Бугарија.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски изјави дека позициите на државата се засновани на јасни принципи, нагласувајќи дека како што Бугарија има очекувања од нашата земја, така и Македонија има свои очекувања.
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче изјави дека официјално истекува рокот што премиерот Христијан Мицкоски им го постави на граѓаните, а се однесува на исполнување на неисполнетите точки од реформската агенда. Како што рече, се потврдила уште една „очигледна лага“ на Мицкоски, додавајќи дека како што дошол на власт со лаги, така и владее.
Инаку, патот кон членството во ЕУ останува блокиран, главно поради еден услов: уставните измени. Премиерот Христијан Мицкоски јасно изјави дека неговата влада нема да започне уставни измени сè додека не добие гаранции од ЕУ дека повеќе нема да има нови барања од Бугарија.
