Косово слави 13 години независност – Дедај: Велат „Слободата има име“, јас велам има и име и презиме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Косово слави 13 години од создавањето на суверена и независна држава. По тој повод во Скопје, лидерот на ДУИ, Али Ахмети организираше свечена академија. Во својот говор тој рече дека овие датуми не можат да се делат, дали се прославува во Валона, Приштина, Скопје и Тирана.

„Ова се датуми кои не можат да се делат, дали се слави во Валона, Скопје, Тирана, Приштина, едно е. Независноста на Косово е една, албанското знаме кое се вее во Скопје, во Скопјето на Хасан Приштина, е едно, незаменливо“, истакна Али Ахмети, Лидер на ДУИ.

Амбасадорот на Косово во Македонија, Ѓерѓ Дедај зборуваше за војната на Косово и обвиненијата од Специјалниот суд против војниците на ОВК.

„Велат “Слободата има име“, јас би додал, можеби неправедно, но “Слободата има и име и презиме“. Името е Ослободителна војска на Косово а презимето и е Косово. Затоа сакам, на името на институциите и народот на Косово, титанскиот народ, да им честитам, да им се заблагодарам за историскиот и круцијален придонес од сите вас, Албанија, Северна Македонија, соседните земји, а особено САД, ЕУ и НАТО за спречување на холокаустот и српскиот геноцид што се случи на Косово“, посочи Ѓерѓ Дедај, Амбасадор на Косово во РСМ.

Декларацијата за независноста на Косово беше голем настан со историски размери бидејќи ја изнесе на виделина вековната неправда врз Албанците, рече Фатос Река, амбасадор на Албанија во Македонија.

„Албанија ќе продолжи да биде непоколеблива поддршка и бескомпромисен адвокат на интересите на нашите косовски браќа.  Секако како во целиот регион така и во Косово има уште многу да се сработи а тоа е задача на политичката класа и партии кои ја добија поддршката на гласачите за да ги турка напред досегашните постигнувања“, додаде Фатос Река, Амбасадор на Албанија во РСМ.

Во недела 17 февруари 2008 во 15:39 часот во Собранието на Косово беше прочитана Декларацијата на независноста. Од тогаш, Косово е прогласено за независно додека на Балканот е потврдено како нова држава. Независно Косово веднаш почнаа да го признаваат пријателските држави. Овој процес стана вообичаен во првите денови од независноста, а до сега Косово го признале 117 држави. Последната држава која го призна Косово е Израел.