Косово стана придружна членка на Парламентарното собрание на НАТО

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Собрание на Косово денеска доби статус на придружна членка во Парламентарното собрание на НАТО.

Ова на Фејсбук го објави шефот на приштинската делегација во таа организација Дритон Хисени, а приштинските медиуми објавија дека 14 членови на Парламентарниот состав на НАТО биле воздржани, а еден бил против, и тоа Унгарија. Најголем дел од земјите биле ЗА.

Делегацијата на српскиот парламент, која учествуваше на пролетната сесија на ПС на НАТО, на бројни билатерални средби повика Приштина да не добие статус на придружна членка.

Парламентарното собрание на НАТО е институционално одвоено од Алијансата, но служи како важна врска помеѓу тој воен сојуз и парламентите на земјите-членки. Се состои од 281 делегат од сите 32 земји-членки на НАТО.

Придружните членки, во кои сега е вклучено и Косово, можат да презентираат резолуции и да поднесуваат амандмани на резолуциите. Тие можат да служат и како специјални известувачи во комисиите за да ги претстават своите перспективи во извештаите на Парламентарното собрание на НАТО.