Косовската полиција заплени 400 илјади евра – уапсени 12 лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

 Косовската полиција во денешната акција во Агенцијата за развој на земјоделството при Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој на Косово (МЗШРР) и во неколку подрачни министерства, уапси вкупно 12 лица и заплени околу 400 илјади евра, јави дописникот на МИА од Приштина.

Главниот обвинител на Косово Александер Љумези на прес конференција попладнево изјави дека уапсените се сомничат за злоупотреба на службената должност, злоупотреба на субвениции и примање и давање поткуп.

Љумези најави дека антикорупциската акција, наложена по преземени дејствија на следење на осомничени лица, ќе продолжи и во наредните денови.

Од досега уапсените, десетмина се службеници во МЗШРР, меѓу кои и директорот на Агенцијата за развој на земјоделството Агим Нуха, додека двајца се граѓански лица, кои на разни начини помогнале во извршувањето на кривичните дела.

Покрај 400-те илјади евра, за кои медиумите објавија дека се откриени во два куфера полни со банкноти, запленети се и документи, шест автомобили, компјутери и телефони.

– Од месец јануари започна прибирањето информации и собирањето докази од кои резултира потребата од примена на скришни и надзорни дејствија, по што наложивме претрес на простории каде што можат да се наоѓаат парите стекнати на незаконит начин, изјави главниот обвинител Љумези.

Косовскиот премиер во оставка, Авдулах Хоти, преку својата страница на Фејсбук, порача дека очекува целосна инстрага кон секого кој е инволвиран во корупциската афера со земјоделските субвенции.

Хоти порача дека виновниците треба да добијат максимални казни и дека не заслужуваат да бидат дел од институциите.