Останувам на мојот став дека не му е место на институтот Бадентер во одлуките на Уставниот суд, затоа што ако се воведе тој механизам со етнички теми тогаш подобро е судот да се затвори. Ова го истакна претседателот на судот Дарко Костадиновски и покрај постојаните барања на албанските партии за воведување на двојно одлучување во Уставниот суд за теми кои се со етнички прашања.
-Јас мојот став го имам кажано. Таков механизам е соодветен за политички органи, како што е Собранието и е здрав механизам. Меѓутоа во институција како што е Уставниот суд која е чисто правна институција воведување на механизам, можеби сум бил брутален, но сум кажал подобро е да се затвори институцијата отколку да се воведе таков механизам. Зашто, затоа што во тој случај нема уставно-правните аргументи да одлучуваат, ќе одлучуваат друг тип на аргументи, вели претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски.
Но со ваквиот став на Костадиновски не се согласува и уставниот судија Осман Кадриу. Тој во интервју за Коха вели дека методот на донесување одлуки мора да се промени односно да се внесе Бадентер и во Уставниот суд што е можно побрзо.
Мора да се промени начинот на гласање и начинот на донесување одлуки! Рековме дека нема смисла Уставниот суд да може да одлучува со просто мнозинство, што значи со минимум 5 члена, за закони што Собранието ги донесува со двојно мнозинство, каде што се гласа со 80 гласа, или закони што се донесуваат со Бадентер. Тие не можат да бидат укинати од судот со 5 гласа. Тука, во Уставот мора да се интервенира што е можно поскоро за да се обезбеди мнозинство, каде што политичарите го користат терминот Бадентер, вели Осман Кадриу, судија во Уставен суд.
Покрај воведувањето на овој принцип за двојно гласање за закони од етнички прашања на кои инсистираа од ДУИ, тие бараа и изборот на Владата да се гласа со Бадентерово мнозинство. Покрај ДУИ со ова се согласни и од ВЛЕН.
