Костадиновски за изјавата на Адеми: „Никој нема да го чепне албанскиот јазик, тој е уставна категорија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не станува збор за никакво „масакрирање“ на албанскиот јазик и тоа е чиста манипулација. Албанскиот јазик е уставна категорија и никој нема да го чепне. Со овие зборови претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски во Клик Плус одговори на обвинувањата на генералниот секретар на ДУИ, Арбр Адеми.

„Не знам од каде му е рефератот, но како и да е, не станува збор за никакво масакрирање на албанскиот јазик. Јас повеќе пати имам досега имам истакнато, никој нема да го чепне албанскиот јазик. Албанскиот јазик е уставна категорија, така како што е уреден со Уставот. Овој закон има за цел да ја дооперационализира употребата на јазикот и навистина го проширува во многу области.“, изјави Костадиновски.

Костадиновски додава дека никој не вели дека Законот за јазици е противуставен, но се разгледуваат одредени одредби од законот кои не се усогласени со Уставот. Цитираше одредби од препораките на Венецијанската комисија.

„Нема никакво масакрирање. Тоа се нејасни и непрецизни одредби. Самата Венецијанска комисија ни има напишано: Законот содржи многу нејаснотии во однос на неговото значење и опсег, не е јасно кои одредби на Законот се однесуваат на кои правни субјекти. И тоа е точно. Ние како уставни судии тоа го гледаме. Не е само во овој закон. Секаде каде што ќе најдеме нејасна, непрецизна одредба, кој некој може на арбитрарен начин да ја применува, ние интервенираме. Но, тоа не значи загрозување на албанскиот јазик, во никој случај“, рече Костадиновски.

Од истото студио на ТВ21, во понеделникот Адеми обвини дека се „масакрира“ албанскиот јазик. Како што изјави тој, според рефератот подготвен од Уставниот суд, сериозно се загрозува Законот за употреба на јазиците. По интервјуто на Костадиновски, Адеми се јави со реакција на социјалните мрежи.

„Наместо да се занимава со прашањето како нивниот реферат од 75 страници излезе во јавноста и беше објавен во медиумите, вечерва требаше да им одговори на граѓаните: Зошто бара да се укинат 18 одредби од Законот за јазиците, кога самиот Устав го утврдил ова како законска материја? Зошто не се откажат од рефератот што има цел институционално масакрирање на албанскиот јазик и ги уназадува правата стекнати со многу труд и жртва“, вели Адеми.

За оваа тема исто така во Клик Плус зборуваше и еден од лидерите на Влен, Изет Меџити кој рече дека Законот за јазиците не е поместен ниту еден милиметар и дека внимателно ја следат работата во Уставниот суд. Напротив, Меџити рече дека има напредок во употребата на албанскиот јазик, наведувајќи дека за првпат воспитувачките полагаат испити на албански јазик и гарантираше дека и правосудниот испит ќе се полага на албански јазик.