Слободната телефонска линија за итни случаи може да биде пресудна за спасување човечки живот, поради што од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните да не го користат бројот 112 за секојдневни проблеми и прашања кои не бараат итна интервенција.
Од Центарот информираат дека во изминатиот период биле регистрирани голем број повици кои немаат итен карактер. Граѓаните се јавувале за меѓучовечки недоразбирања, барање информации, административни прашања и други ситуации за кои постојат редовни канали за комуникација со надлежните институции.
Од ЦУК посочуваат дека ваквите повици го одземаат времето на операторите и ги оптоваруваат телефонските линии, со што може да се отежне пристапот до помош за лицата кои се соочуваат со реална опасност.
Оттаму потсетуваат дека бројот 112 е наменет за пријавување непосредна опасност по животот, здравјето, безбедноста, имотот или животната средина, кога е неопходна интервенција на полицијата, Итната медицинска помош, противпожарните служби или други надлежни институции.
За проблеми кои не бараат итна реакција, граѓаните треба да се обратат директно до институцијата или службата надлежна за нивно решавање, преку редовните контакт-канали.
Апел е упатен и до институциите, јавните претпријатија, компаниите и општините да не го објавуваат бројот 112 како општ контакт за информации, административни пријави или евидентирање материјална штета.
Од ЦУК нагласуваат дека 112 не е информативна линија, туку единствен европски број за итни случаи, кој треба да остане достапен за оние на кои помошта им е неопходна веднаш.
