Владата чека одговор од студентите за новиот модел на субвенциониран оброк

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зголемување на месечната субвенција за студентски оброк од 3.500 на 4.500 денари, посебна дигитална услуга и дополнителни попусти за купување храна се дел од предлогот што Владата им го понудила на студентските претставници. Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека се очекува студентите да достават повратен одговор за предложениот модел.

По двочасовната средба со претставниците на студентските парламенти, Мицкоски оцени дека разговорот бил конструктивен и дека студентите се согласиле оти владиниот предлог е подобро решение од актуелниот систем.

„Ние им го објаснивме предлогот што го има Владата и цениме дека тој предлог е многу подобро решение од тоа што сега го имаат, за што и тие се согласија. Сега чекаме повратен одговор. Ни беше ветено дека истиот ден, до вечерта, ќе добиеме драфт-верзија на тоа што тие ќе го комуницираат со колегите. Не ја добивме. Денеска е втор ден и се надевам дека ќе ја добиеме“, изјави Мицкоски.

Според предлогот на Владата, субвенцијата би се зголемила од сегашните 3.500 на 4.500 денари месечно, а студентите би ја користеле преку посебна дигитална услуга во апликацијата „М.услуги“.

Во системот би биле вклучени ресторани, маркети, млечни ресторани и други оператори каде што студентите би можеле да купуваат храна и пијалаци, меѓу кои вода, јогурт и кисело млеко. Мицкоски претходно објасни дека преку апликацијата и употребата на вештачка интелигенција би се контролирало средствата да се трошат исклучиво за намената за која се доделени.

Дополнително, Владата планира да преговара со трговците за студентите да добиваат попусти при купување храна, вклучително и по искористувањето на месечната субвенција.

На денешната средба било разговарано и за полагањето на правосудниот испит. Мицкоски рече дека решението предложено од Министерството за правда е владиниот предлог, кој треба да биде доставен до Венецијанската комисија.

Според него, целта е да се овозможи испитот да се полага на јазикот на кој кандидатите го завршиле високото образование, односно да се почитува правото на користење на мајчиниот јазик, но истовремено да се обезбеди почитување на принципот на владеење на правото.

„Решението што го нудиме е решение кое од една страна нуди задоволување на правото да се полага испитот на јазикот на кој е завршено високото образование, односно правото на својот мајчин јазик, а од друга страна да имаме владеење на правото“, рече Мицкоски.

Тој се повика и на принципот „франка лингва“, односно употребата на еден јазик во правосудството, посочувајќи дека тоа е една од главните препораки во мислењето на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците.